Новото работно време е неприфатливо за Сојузот на синдикатите на Македонија, изјави претседателот на ССМ, Ванчо Муратоски. Тој вчера во Охрид се сретна со раководството на општинската организација на синдикатот на УПОЗ со кои било разговарано и околу колективниот договор, и зголемувањето на платите на судската полиција и затворските служби.

Муратоски во разговорот со новинарите уште еднаш повтори дека владиниот предлог за европско работно време  е нереален и дека доколку се спроведе таквата одлука ќе предизвика сериозни последици.“Ние не можеме да  работиме онака како што работи западот, бидејќи ова е југ и не се разденува во 7 – 7:30, туку се раденува во 4-5часот, температурите попладнето доаѓаат до 40-от степен и невозможно е да се работи после 2 ч, стандардот не е таков за да може нашиот работник да си дозволи да руча, а со носењe сендвичи не може да се издржи цел работен ден, и со овој закон практично се уништува семејството, бидејќи ако се работи до пет не ќе можат родителите да ги контролираат децата и тие ќе бидат препуштени на улица“ – рече Муратоски.


Ванчо Муратоски

Муратоски очекува синдикатот и владата да се договорат околу наведените прашања, а доколку власта нема слух тој најави дека ќе бидат преземени порадикални мерки. Преседателот на ССМ, денеска го обвини СОНК на Дојчиноски дека пред надлежните презентира пристапници на членството од пред 15 години.  Тој тврди дека неговиот мултиетнички синдикат за образование полека го презема членството и дека тоа е случај и во Охрид.

Муратоски  смета дека СОНК набргу ќе згасне, бидејќи како што рече, отцепениот синдикат во живот сега се одржува само благодарение на финансиската помош од холандскиот и американскиот синдикат.

Г.М
С.К