Петти ден екипи на јавното комунално претпријатие и на специјализирани компании  работат на новогодишното украсување на Охрид. Се разубавуваат влезовите на градот, булеварот „Туристичка“, центарот, но и периферијата.

Од организацискиот одбор најавуваат дека украсувањето ќе заврши до Св. Никола. Се поставуваат светлечки и други новогодишни реквизити, а организаторите најавуваат дека ќе биде надминат минатогодишниот празничен амбиент кој беше прогласен за најубав на Балканот. „ И оваа година ние ветивме дека Охрид ќе биде најдобро украсен град. За таа цел ги искористивме реквизитите од минатата година, но набавивме и нови. Целиот концепт на уредување ќе биде различен поубав и посодржаен“, ни изјави Сашо Алчев, од одборот за организација при општината.


во тек новогодишното украсување на Охрид

Паралелно со украсувањето течат и преговорите со повеќе музички имиња околу нивен ангажман за Нова година во Охрид. „Во овој момент не би можел да кажам со кого се’ се преговара, но ќе се потрудиме и оваа година  подготвени и на најдобар можен начин да ги дочекаме бројните гости“, рече Алчев.

А гостите според најавите на хотелиерите најмногу ќе ги има од соседните земји, пред се од Србија и Бугарија. Со оглед на тоа дека согласно новиот закон за празници во иднина 2-ри јануари ќе биде работен ден, за очекување е дека „скратеното“ празнување за Нова година во Охрид ќе привлече и голем број домашни туристи. Хотелските капацитети се очекува да бидат исполнети над 90 %, закупени се и поатрактивните вили и апартмани, а веќе се резервирани и голем број од рестораните и кафетериите.

Г. Момироски