Во текот на 2014 година планирано е да отпочнат неколку капитални инвестиции за кои подготовките се при крај, како што е покриениот зелен пазар со мал шопинг центар, веројатно една катна гаража, ќе отпочнат работите за изградба на современа автобуска станица и затворениот пливачки базен, најави градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески. Во новогодишното интервју за OhridNews тој се осврнува на состојбата во општината, одговара на критиките на опозцијата поврзани со реформите и односот кон администрацијата и открива детали за плановите поврзани со Студенчишко блато, отворањето на индустриската зона и подобрувањето на економската ситуација во градот.
OhridNews: 2013 година охриѓани најверојатно ќе ја запомнат како година на политички промени во Охрид. Оваа година донесе и големи промени во вашиот живот. Кажете ни накратко, колку се промени животот на д-р Никола Бакрачески откако заплива во политичките води и стана градоначалник на Охрид? Како се справувате со целокупната динамика која ја носи оваа нова функција?
Бакрачески: Уште за време на предизборната кампања, јасно беше изложена мојата визија и желба за промена во начинот на менаџирање со општината, затоа што и тогаш и сега цврсто верувам дека Охрид и охриѓани заслужуваат многу подобро и многу повеќе, во она што се нарекува, квалитет на живеење. Некои проекти и процеси можеби не одат со посакуваното темпо заради наследени негативни состојби, но дефинитивно се движиме во добра насока. Се разбира, бев потполно свесен дека тоа ќе бара промена во начинот на живот и темпото на работа, но сигурно е дека ги поседувам и еланот и потребната енергија, искрено, посветено и секојдневно да работам на остварување на мојата агенда и на ветувањата што ги дадов пред граѓаните.
OhridNews: Во Вашата предизборна програма на граѓаните на Охрид им ветивте многу проекти за подобар живот во градот. Што би можеле да издвоите како позитивна реализација во изминатите девет месеци од Вашиот мандат? На што најмногу беше насочена Вашата енергија?
Бакрачески: Ситуацијата во која ја затекнав локалната самоуправа и јавните претпријатија – еден целосно дезинтегриран систем, бараше нов пристап за негово целосно менување. Најмногу време и енергија беа посветени на новата организациска шема во општинската администрација и јавните претпријатија, со воспоставување систем на работа со воведување за прв пат упатства за работа, листа на процеси и алгоритми на извршители, кои се основни документи и акти врз основа на кои што треба функционално да работи секоја организација. Тука секако спаѓа и процесот на договарање со доверителите за огромниот долг што го има општината. Тоа е динамичен процес кој се уште трае, но кој се одвива во посакуваната насока и за доверителите и за нас како општина.
OhridNews: Буџетот на општината и развојните нацрт програми за 2014 година се веќе проектирани. Што е она што Општина Охрид ќе го реализира во текот на наредната година? Во кој сегмент најмногу е бидете концентрирани? Што ќе донесе за Охрид 2014 година, што може да очекуваат граѓаните?
Бакрачески: Во текот на 2014 година планирано е да отпочнат неколку капитални инвестиции за кои подготовките се при крај, како што е покриениот зелен пазар со мал шопинг центар, веројатно една катна гаража, ќе отпочнат работите за изградба на современа автобуска станица и затворениот пливачки базен. Ќе бидат асфалтирани голем број улици во градот и околните населени места, ќе бидат изградени уште две кружни сообраќајници, се разбира има доста проекти во делот на комуналната инфраструктура, ќе биде завршен малиот плоштад кај поранешната библиотека…….
OhridNews: Бидејќи Охрид е најголемиот туристички центар во Македонија, какви се плановите во делот на туристичката сфера, како планирате да привлечете повеќе туристи? Имате ли конкретни планови за туризмот и кои се тие, до каде е реализацијата на иницијативата за воведување евтини авионски летови на Охридскиот аеродром кои ги најавивте од почетокот на идната година која е на праг?
Бакрачески: Во Охрид никогаш примарна дејност не бил туризмот. Со еден податок кој го добивме од Републичкиот завод за статистика и статистиката која ни ја достави Стопанската комора на Македонија ќе ви кажам дека во 1984 година кога туризмот ги бележеше своите најдобри денови тој како гранка бил на 3 место по приходи во општината. Охрид во 1984 година вработувал 21000 работници во индустријата. Индустријата била прва гранка по приходи во општината, на второ место било занаетчиството, а на трето место доаѓа туризмот.Ние се трудиме да внесеме нови содржини и нов начин на работа во делот на туризмот, за Охрид да може да достигне вредности со кои ќе може да се мери со околните големи туристички дестинациин. Ние правиме голем број чекори со кои сакаме енормно да го зголемиме бројот на туристи кои ќе го посетуваат Охрид. Иницијативата за воведување евтини авионски летови до охридскиот аеродром се уште е актуелна, но морам да нагласам дека тука голема улога во релазиција на оваа идеја има и ТАВ компанијата која стопанисува со аеродромите во Македонија, како и нискобуџетните авиокомпании кои би биле најзаинтересирани за летови до Охрид.
OhridNews: На економски план, Охрид последниве дваесеттина години има континуирана стагнација. Планирате ли да го понудите градот како атрактивно место за странските инвеститори? Што е тоа што се надевате дека ќе го остварите во Охрид за зголемување на вработеноста?
Бакрачески: Ние имавме многу контакти во изминатиот период со потенцијални инвеститори. Некои од нив сами доаѓаа, некои сами ги баравме на наша иницијатива или пак патувавме таму каде што сметаме дека е неопходно за да пројавиме иницијатива за привлекување на странски инвестиции. Она што странските инвеститори секогаш кога ќе дојдат и ќе покажат интерес за инвестирање во Охрид го бараат од нас, е да им го покажеме просторот каде што тие би издигнале некој објект, трговски капацитет или некое мало стопанство како и обезбедување на сите инфраструктурни услови за да почнат со работа. За жал ние таков простор немаме. Од тие причини во изминатите месеци интензивно работиме на обезбедување на услови за изградба на индустриска развојна зона, нејзина парцијализација и веднаш после тоа продажба на тие парцели за да им се овозможи на инвеститорите кои што ќе доаѓаат овде да отпочнат со нивните работи.
Сме имале најава од некои компании кои се подготвени да инвестираат во Охрид, доколку им се обезбедат услови во индустриска зона или доколку им се обезбедат некои од постоечките, а напуштени стопански капацитети кои во овој момент не функционираат, а кои сеуште се во сопственост на Република Македонија. Се надеваме дека после реализацијата на оваа индустриска-развојна зона ќе имаме можност да оствариме две или три инвестиции без разлика дали тоа ќе бидат домашни или странски фирми.Тоа за нас ќе значи да се овозможи еден добар старт во економскиот раст на градот Охрид и да се овозможи креирање на нови работни места за граѓаните на Охрид.
OhridNews: Ве загрижува ли одливот на младите и воопшто напуштањето на охриѓани на својот роден град? На што се должи тоа, има ли општината стратегија како да се спречи овој тренд?
Бакрачески: Ако се знае дека човечкиот ресурс е највредното нешто што може да го има една заедница, тогаш сигурно ме загрижува фактот што голем број работоспособни и добро едуцирани млади охриѓани го напуштаат нашиот град. Но, претходно веќе спомнав дека само со добри економски политики и креирање на нови работни места, ќе можеме да ги задржиме младите луѓе во Охрид каде што ќе ја градат нивната иднина.
OhridNews: Опозицијата во континуитет Ве обвинува дека правите несоодветна систематизација и политички реваншизам врз дел од вработените во локалната администрација? Како би ги коментирале Вие овие обвинувања и што е она што навистина го планирате во делот на општинската администрација во иднина?
Бакрачески: Би било подобро опозицијата да критикува, одколку да обвинува, но добро забележавте дека таа сама обвинува – неосновано. Нема никаков политички реваншизам во процедурата на носење на новата систематизација, а уште помалку има реваншизам во секојдневните исполнувања на работните задачи на сите вработени. Преструктуирањето на администрацијата мора да се спроведе ако сакаме админстрација според светските стандарди, која ќе биде ефикасна во извршувањето на обврските. Во таа насока, дел од администрацијата ќе биде префрлен во општинската зграда во Косел, која всушност и е изградена за таква намена, се со цел службите на локалната да бидат подостапни и поблиски до граѓаните кои гравитираат кон тој дел од општината , а тоа повторно би требало да води кон зголемување на ефикасноста во решавањето на секојдневните проблеми на граѓаните. Предводник на таа администрација ќе биде токму секретарот на општината Димитар Спасески, кој ќе има редовни термини со граѓаните во таа иста зграда во Косел.
OhridNews: Милионскиот долг на Охрид е сериозен товар кој го кочи развојот на Охрид. Ова прашање не може брзо и безболно да се реши, особено без поддршка од државата. Ќе ја добие Охрид неопходната финансиска поддршка од државата и дали нешто конкретно се прави за намалување на долгот?
Бакрачески: Како што спомнав претходно, процесот на отплата на долгот е динамичен, а доверителите (најголем дел од нив) покажаа навистина добра волја за негово надминување. Охрид ќе ја добие помошта од државата, затоа што ние како нова локална власт ќе работиме на сериозни и издржани проекти, за кои верувам дека ќе наидеме на разбирање и одобрување кај централната власт.
OhridNews: Вас како градоначалник ве мачат долговите, а граѓаните обичните реални проблеми. Што можат тие да очекуваат во 2014-та, може ли да се надеваат на подобрување на секојдневниот живот, дали и кога ќе отпочне реализацијата на некој од капиталните проекти кои ги ветивте?
Бакрачески: И ова прашање е поврзано со ситуацијата која ја затекнавме од претходната власт и сите досега преземени мерки за надминување на истата. Веќе кажав дека многу од ветените капитални проекти ќе започнат во 2014 година, а што се однесува до секојдневните проблеми од урбаното живеење со кои се соочуваат граѓаните, токму денес (30.12.2013) на седница на Советот на Општина Охрид се наоѓаат повеќе точки, кои се однесуваат на програмите за работа на општинските служби и јавните претрпријатија. Ве уверувам дека нема да остане ниту една област од општественото живеење каде нема да има подобрување за граѓаните на Охрид, без разлика во кој дел од општината живеат.
OhridNews: Неодамна започна јавната расправа за формирање на туристичка развојна зона Љубаништа 1, каде индискиот милијардер Субрата Рој има амбиции да гради луксузен комплекс. Верувате ли дека ќе се реализира овој амбициозен зафат?
Бакрачески: За овој проект веќе подолго време се зборува во јавноста. Јас верувам во серозните чекори кои ги презема Владата на Република Македонија во однос на заинтересираните инвеститори, меѓу кои е и господинот Субрата Рој. Доколку се тече според предвидената програма и динамика, верувам дека од овој проект придобивки ќе има не само Охрид, туку и цела Македонија.
OhridNews: Какви се плановите за Студенчишкото блато. Постои студија за заштита на овој еко систем како споменик на природата. Од друга страна се погласни се најавите дека и овој простор ќе се урбанизира?
Бакрачески: Да, точно е дека постои студија за заштита на блатото, но прашање е колку таа студија е издржана. Имено, лично јас иницирав средба со г. Ралф Певелинг, претставникот на ГИЗ – Германска агенција за меѓународна соработка, која го финансираше проектот и со други претставници од повеќе институции, на која беше разгледана состојбата и перспективите на Студенчишкото блато. Во таа студија за жал се користени податоци, стари и неколку децении кои воопшто не кореспондираат со сегашната состојба на теренот. Подготвен сум да се направи ново целосно документирање и анализа за да дојдеме до релевантни заклучоци. Она за што првично се согласивме е дека треба одреден простор од 1-2 хектари и понатака да остане блато со одредени содржини, кои на тој простор ќе му дадат и едукативно – показен карактер, а воедно ќе претставува и своевидна туристичка атракција. За другиот дел, природно е тој да биде урбанизиран, зошто станува збор за атрактивен простор многу блиску до централното градско подрачје, кој и така во моментов е од сите страни е опкружен со урбани градби.
OhridNews: Неодамна во посета на Охрид беа претставници на УНЕСКО. Нивната инспекција на спомениците на културата и природното наследство беше обвиткана со тајност. Вие остваривте средба со експертите на УНЕСКО, за што разговаравте?Дали е загрозен статусот на Охрид како светско културно и природно наследство?
Бакрачески: Разговаравме на многу теми кои беа од интерес за претставниците на УНЕСКО во нивната мисија во Охрид. Не би можел во моментов да коментирам дали е или не е загрозен статусот на Охрид во УНЕСКО. Со високите гости ( на нивно барање) имаме џентлменски договор да не се коментираат разговорите кои беа водени во Охрид, се до март наредната година кога УНЕСКО првично треба да се произнесе за резултатите од нивната посета на нашиот град.
OhridNews: Поради многубројните општински обврски и ангажмани, дали ви останува време за вашата работа како кардиохирург, дали имате време за вашите пациенти. Ветивте дека и покрај обврските како градоначалник ќе најдете време и за нив?
Бакрачески: Останувам на ставот дека кардиохирургијата е мојата животна определба од која никогаш нема да се откажам. Повеќе пати сум истакнувал дека секогаш кога ќе можам јас ќе им излезам во пресрет на моите колеги и пациенти се разбира, во Заводот за превенција, лекување и рехабилитација на кардиовалкуларни заболувања, во унапредувањето на кардиохирургијата и грижата за пациентите. До овој момент мислам дека успевам успешно да одговорам и на градоначалничката функција и на лекарската професија.
OhridNews: Пациентите ги советувате на здрав живот и кондиција, но колку Вам ви останува време за да се посветите на себе си? Доколку имате слободно време, како најчесто сакате да го искористите?
Бакрачески: Морам да признаам дека слободно време имам се помалку, а тоа што ми останува сакам да го споделам со моите деца. Понекогаш знам да одиграм баскет со пријателите. Вљубеник сум во планината и скијањето, но за тоа ќе размислувам по завршувањето на јануарските празнични денови во Охрид.
OhridNews: Каде и со кого ќе ја прославите Новата 2014 година и кои се вашите желби за граѓаните на Охрид?
Бакрачески: Со најблиските пријатели и соработници и се разбира заедно со моите сограѓани на градскиот плоштад. На охриѓани им посакувам добро здравје, среќа, што помалку грижи и верба во поубав и поуреден Охрид.
Г. Момироски