Градоначалникот Александар Петрески заедно со општинската организација на Црвениот крст од Охрид денеска приреди новогодишен ручек и забава за децата од охридските здруженија како и за најмладите охриѓани кои се на работ од егзистенцијата.
Забавата се одржа во ресторантската сала на средното угостителско-туристичко училиште „Ванчо Питошески“, а градоначалникот во оваа пригода ги почести децата и со новогодишни пакетчиња.
„ Општина Охрид се труди колку што е можно повеќе да ја подобри социјалната слика во Охрид. Иако се уште оваа сфера не е во наша надлежност заради не довршената децентрализација, сепак ние преку целата година и посветуваме доволно внимание на ранливата категорија граѓани“, изјави градоначаникот Петрески.
Петрески кажа дека во 2008-ма е многу направено за невладините организации, а се заложи дека и во текот на идната година, општината ќе посвети уште погоемо внимание во оваа сфера.
Во насока на подобрување на животот на лицата со посебни потреби во Општина Охрид е ангажирано лице кое го знае јазикот на глувите и им го олеснува пристапот на граѓаните до општинските служби. Градоначалникот вети дека проектот ќе продолжи и во текот на идната година, а најави дека ќе ги опреми и канцелариите на невладините организации.
Во текот на јануари, треба да бидат отворени и канцералиите на Дневниот центар „Порака“ во основното училиште „Братство-единство“ каде што свое катче ќе најдат и останатите неваладини организации.
А.Р.
фото „МИКИ“