„Фатил сокол еребица“ е насловен новогодишниот концерт на културно-уметничкото друштво „Дримкол“ што вечер ќе се одржи во мултикултурниот центар „Коста Србакоски“ во Вевчани.
На програмата, како што соопшти „КУД Дримкол“, се роднокрајни народни песни обработени и под диригенство на учителот Аргил Мукоски од Вевчани, а во изведба на членови на првиот фолклорен ансамбл, младинскиот ансамбл и оркестарот на КУД „Дримкол“.
Концертот, синоќа имал претпремиера, каде пензионираниот учител, основач и прв раководител на КУД „Дримкол“, Мукоски изразил задоволство што работел со талентирани уметници. Концертот го посветил на 50-години активна работа на КУД „Дримкол“ од Вевчани.
Програмата ја сочинуваат традиционални песни, кои сум ги собирал за време на мојот работен век како учител по музичко образование. Меѓу хорските изведби се ставени и три ороводни песни на кои девојките од младинскиот ансамбл играат со оригиналните чекори од терен кои ги поставивме заедно со мојата сопруга Звезда, истакна Мукоски.
Обработка и изведба на хорски вокални напеви првпат се поставуваат на репертоарот на КУД „Дримкол“ со што ова друштво ја потврдува својата инвентивност, сериозност и професионалност при работењето.
OhridNews