Македонската ракометна репрезентација сигурно чекори кон ново учество на Европско првенство, откако на гостински терен со 25-23 (10-10) ја совлада селекцијата на Швајцарија. „Црвено жолтите“ со триумфот над Швајцарија стигнаа до втората победа во групата. Претходно избраниците на Данило Брестовац славеа во дуелот со Финска.
Средбата во Шафхаузен, Македонија во своја корист ја реши во последната четвртина од натпреварот. До тогаш, нашата репрезентацијата ја бараше играта во напад, а ниту одбраната не беше на ниво.
Од стартот на натпреварот до 25-та минута, македонската ракометна селекција го контролираше резултатот, во три наврати имаше позитива од два голови (5-3, 7-5, 9-7), и напад за плус три, кои не ги реализираше. Швајцарската репрезентација со фуриозен финиш дојде до водство 10-9, кое Македонија со гол во последниот напад од првиот дел го анулираше.
Швајцарија продолжи во ист ритам и најпрво поведе со два голови, а на средината од второто полувреме дојде до највисоки плус три (18-15). Следуваше минута одмор за Македонија, која драстично ги промени работите на теренот. Македонија ја поправи играта во одбрана, нападот се разигра и со 5-0 серија го презеде водството 20-18.
Швајцарија не се предаде, но македонскиот напад кој во финишот одигра без грешка ја „одбрани“ предноста и донесе значаен триумф во групната фаза.
Капитенот Кирил Лазаров беше најефикасен со шест голови, еден помалку реализираше Столе Стоилов, а по четири пати прецизни беа Гоце Георгиески и Филип Кузманоски. Добар натпревар имаа голманите Митревски и Томоски, кои искомбинираа 13 одбрани.
OhridNews