– Книгите се посветени на нашето непроценливо културно наследство и се први кои се работени според стандардите на УНЕСКО, вели во разговор за „Ohridnews“, Гоце Ангеличин Жура – историчар на уметност во Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид.
Четирите книги кои се објавени со поддршка на Регионалното биро за наука и култура на УНЕСКО во Венеција, покрај македонска, имат и англиска верзија.
– Во книгата „Охрид, светско наследство“, поместени се научни сознанија за древниот град од праисторијата, времето на македонските кралеви и Енгелана, римскиот период, времето на базиликите, преку средновековните цркви и преродбата до градската архитектура и куќата на Робевци и Уранија. Опфатени се и пештерските, но и црквите во руралните средини во околината на Охрид кои сведочат за богатата историја на овој крај, објаснува Жура.
Гоце Ангеличин Жура
Книгата „Охрид, светско наследство“, која е испечатена во тираж од 1000 примероци, импресионира со над 200 колор фотографии и претставува ексклузивитет на нашето издаваштво, вели Жура.
– Градот на Климента доби уште едно ремек дело по кое ќе биде препознатлив во светот, бидејќи секој што ќе ја прочита оваа книга ќе ја памти волшебноста и мистичноста на Охрид, додава Ангеличин Жура.
Ново сведоштво за бесценетите културно историски вредности на Охрид
Покрај Жура на книгата „Охрид светско наследство“ работеа и археологот Паско Кузман, Анета Серафимова и Јулија Тричкоска од охридскиот Завод и Музеј. Новата едиција книги „Македонско културно наследство“ беше промовирана на 12 ноември на свеченост во Даут-Пашиниот амам во Скопје, на која присуствуваа претседателот на МАНУ Георги Старделов и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, која истакнаа дека овие публикации се бесценето сведоштво за континуитетот и разновидноста на материјалната и духовната култура на Македонија.
На промицијата присуствувал и Енгелберт Руос, директор на Регионалното биро на УНЕСКО со седиште во Венеција., кој најмногу бил одушевен од книгата посветена на Охрид.
– Со задоволство би ги посетил сите тие локации. Вистинско уживање ќе ми претставува можноста да научам повеќе за вашата земја – истакнал на промоцијата Руос.