Нови мрежи за јавно осветлување ќе бидат поставени на неколку охридски улици во текот на наредните две години. Освен новите решенија за осветлување во градското подрачје, во Програмата за Јавно осветлување за периодот од 2015 до 2017 година планирано е и поставување на ново осветлување на улиците во дел од охридските селски средини.

Според предвиденото, ново осветлување ќе добијат улиците „Ристо Чадо“, „1-ва Македонска ударна Бригада“, „8-ми Септември“, „Лазо Трпоски“ и „Стив Наумов“. Ново осветлување ќе биде инсталирано и на краците на улиците „Партизанска“, „Абас Емин“, „Кирил и Методи“, „Мирче Ацев“, „Андон Дуков“ и „Радојца Новичиќ“. Инсталации за осветлување ќе се постават и на регионалниот пат за влез во населбата Рача, на делница од „Алтанин Мост“ преку Орман до Долно Лакочереј, во населбата „Бејбунар“ и на потегот кај магистралниот пат Охрид-Кичево и стар пат Охрид-Струга.

Исто така во рамки на двегодишната програма се предвидува ново осветлување во населбата над одморалиштето Свилара, на дел од влезот во село Пештани од насока на Св.Наум до хотел Десарет, во населбата Исток кај  хотел Гранит, а планирана е и нова мрежа на уличните краци во селата Лескоец, Речица, Пештани, Љубаништа, Трпејца, Рамне, Вапила, Коњско и Плаќе.

Реконструкција и проширување на уличните мрежи, планирано е да биде извршене на улиците „Сатеска“, „Трајче Трајчески“, „Мичо Гилиќ“, „Егејска“ и „Спас Банџов“, како и на дел од улиците во населбата „Гоце Делчев“. Реконструкција на осветлувањето ќе има и во делови на селата Лескоец, Трпејца, Велгошти, Горно и Долно Лакочереј, Елшани и Косел.

За одржување на јавно осветлување, проширување на мрежи за јавно осветлување и изведба на електро инсталации за потребите на општината, Охридската локална самоуправа во текот на вчерашниот ден преку Електронскиот систем за јавни набавки објави тендер за набавка и монтажа на елементи за одржување и проширување на електрични мрежи за јавно осветлување. Вредноста на оваа јавна набавка изнесува околу 96 илјади евра или точно 5.918.078 денари. Во рамки на овој тендер предвидена е и набавка и изведба на електро инсталации во објекти кои се во сопственост на општина Охрид.

Понудите за оваа јавна набавка може да се  достават најдоцна до 2-ри март 2015 година до 13 часот, кога е предвидено и јавното отворање на понудите. Критериум за доделување на договорот за јавна набавка е најниската цена, а при изборот ќе се користи електронска аукција.

OhridNews