Градските ривали од Лондон, Арсенал и Челси ќе се борат за титулата во финалето на Лигата на Европа, кое, ќе се одигра во Баку на 29 мај.

„Топчиите“ во полуфиналето ја елиминираа Валенсија со вкупен резултат 7-3, додека „сините“ беа подобри од Ајнтрахт Франкфурт после изведувањето на пеналите со 4-3, откако двата мечеви и дополнителните триесет минути завршија без победник 1-1.

Иако Валенсија поведе на дуелот на Месталја, Арсенал ништо не остави на случајност и со пресврт прво го презеде водството 2-1, а потоа го осигура и триумфот во натпреварот. Творци на победата беше тандемот Лаказет – Аубемајнг кој ги искомбинира четирите погодоци.

Челси добро го отвори мечот и ја начна мрежата на гостите преку Лофтус Чек. Во второто полувреме Ајнтрахт го постигна посакуваниот погодок, а мрежите потоа мируваа и во пенал рулетот се одлучуваше победникот. Халер погоди во првата серија за Ајнтрахт, а Баркли истото го направи за Челси. Јовиќ донесе ново водство за германците во втората серија, а Трап го задржа скротувајќи го ударот на Аспликуета. Предноста на Ајнтрахт после третата серија остана, откако Де Гузман погоди за 3-1, а Жоржињо намали на 3-2. Во четвртата резултатот се изедначи 3-3. Хинтерегер промаши, а Давид Луиз погоди за егал. Одлуката за финалистот падна во последната петта серија. Кепа го одбрани ударот на Пасиенсија, а Азард не погреши и го одведе Челси во финалето.

Англиското финале во Лигата на Европа ќе биде супер најава за финалето во ЛШ каде силите ќе ги одмерат Тотенхем и Ливерпул.

OhridNews