Жителите на Пештани незадоволни од понудените измени во нацрт планот чија јавна анкета е во тек. Според нив, со нацрт планот предвидени се нови над 600 локации за изградба на објекти кои во целост ќе ја изменат демографската структура и изглед на селото.

–  Тоа е во корист на оние кои ќе градат, но останатите жители сметаме дека тоа ќе доведе до пренатрупаност на селото со нови објекти кои во целост ќе ја изменат демографската слика на Пештани, велат жителите.  

Пештанци реагираат и за понуденото урбанистичко решение во нацрт планот за постоечкиот рибен ресторан, лоциран на самиот брег од езерото. Пред четири дена,  месната заедница одржала состанок со единствена точка на дневен ред- понуденото урбанистичко решение за рибниот ресторан.

– Новото решение предвидува објект со поголема висина од постоечката, со што се менува изгледот на селото и им го затвора видикот на  куќите кои гравитираат околу ресторанот, објаснуваат пештанци.

Од Локалната самоуправа објаснуваат дека овој нацрт план не е конечната верзија. – Токму јавната анкета која е во тек дава можност за поднесување на приговори од незадоволните граѓани, кои потоа се разгледуваат од страна на надлежната комисија при Секторот за урбанизам. Нацрт планот потоа заедно со предложените измени повторно се испраќа до изработувачот, по што следи изјаснувањето на советниците, велат од Локалната самоуправа.

Т. К.