Новиот дизајн на банкнотите од 500 филипински песози е преполн со грешки. На банкнотата е прикажан папагалот, кој е заштитен знак на Филипините, но наместо со црвен клун и жолти пердуви на опашот, дизајнерите го прикажале со жолт клун и зелени пердуви на опашот. Географската карта на Филипините исто така не е прикажана како што треба, бидејќи некои места се потполно погрешно сместени на истата.


Пример, според картата на банкнотите, островите Батанес воопшто не припаѓаат на Филипините. Портпаролот на банката Фе де ла Круз изјавил дека знаат оти илустрациите на банкнотите се погрешни, но и дека на дизајнерите им дозволиле мала уметничка слобода. Ова не е прва грешка на банкнотите на Филипините. Пред пет години на истите погрешни било напишано името на тогашната претседателка Глориа Аројо.