Дали водата за пиење од градскиот водовод во Струга е исправна за пиење, ќе покажат новите анализи на регионалниот центар за јавно здравје, кои според најавите, ќе бидат направени денеска, а резултатите од истите се очекуваат ден потоа.

Граѓаните на Струга се револтирани од односот на надлежните институции затоа што не биле информирани дека водата од градскиот водовод во Струга според последните анализи на Регионалниот центар за јавно здравје од Охрид, е неисправна за пиење, бидејки во неа е констатирано присуство на колиформни бактертии, како ешерихија коли и други. Невладините организации обвинуваат дека ваквата состојба се провлекува подолг период. Доколку не се реагира, тие најавуват протести и блокирање на магистралниот пат Струга – граничен премин Ќафасан.

Од Дирекцијата за храна, на чие барање се извршени анализите, потврдија дека е изречена забрана за користење на водата за пиење само во Калишта, но засега не се прецизира дали вакви проблеми има во водоснабдителниот систем во целата општина.

Од локалната самоуправа за проблемот упатуваат на ЈП  Водовод. Оттаму потврдија дека анализата направена во четвртокот на мостри од градскиот водовод во Струга покажала бактериолошка неисправност, објаснувајќи дека тоа се должи на недостаок на хлор, без притоа да посочат колкав период состојбата била таква. Додаваат  дека во меѓувреме се набавени потребните хемиски средства, и извршено е прочистување на градскиот водовод, како и дека сега водата во Струга е исправна за пиење.

Граѓаните велат дека за проблемот со водата за пиење се информирале од медиумите и социјалните мрежи, каде се споделуваат информации дека повеќе лица во Струга изминатите денови се пожалиле на стомачни проблеми.

Од болницата во Струга, пак, изјавија дека кај нив не е забележано зголемување на бројот на пациенти со симптоми на диареа и повраќање.

Г.М.

Пронајдени бактерии во градскиот водовод во Струга