Новиот Закон за домување ќе спречи многу досегашни навики на граѓаните. Повеќе нема да можат кога сакаат да користат правосмукалка, да простираат алишта, тресат постелнина од балкон. Со новиот закон за домување се забранува користење правосмукалка и пуштање музика или какви било апарати што создаваат бучава од 13 до 17 и од 22 до 5 часот наутро.

На граѓаните имм се забранува и да простираат алишта на отворени делови на зградата (прозорци и балкони) што се видливи на улиците.

Забрането е да се чуваат предмети на терасите што го нагрдуваат изгледот на зградите и кои можат да им наштетат на минувачите.

Се забранува и пушење на скалите во влезовите и во лифт.

Не смее повеќе да се случи и тресење теписи и постелнина од балкон. Станарите нема да можат повеќе и да оставаат ѓубре пред својата врата, ниту, пак, во заедничките простории.

За регулирање на овие ставки од Законот ќе биде надлежна регулаторната комисија за домување. Ако некој од станарите не сака да плати за одржување на заедничките простории или, пак, не ги почитува одредбите, куќниот совет ќе треба да поднесе претставка до регулаторната комисија за домување, а таа ќе поведе прекршочна постапка пред надлежен суд. Комисијата ќе биде надлежна и да се грижи за квалитетно задоволување на потребите на населението, за заштита на животната средина и природата, да посредува во решавање спорови што ќе настанат меѓу закупците, закупувачите, управителите и сопствениците. По барање на некој закупец, комисијата ќе треба да ја провери висината на ќиријата, да изврши категоризација на становите, да ги издава и менува лиценците за вршење на управување за што ќе треба да води регистар на управителите на станбените згради.

Ohridnews