Месецот септември е еден од најтешките месеци за родителите на ученици во основно и средно училиште, бидејќи голем дел од семејниот буџет мора да се потроши за купување на училишен прибор.

Ранец, боички, тетратки, колажи, моливи, острилки, блокчиња, пластелин, се само дел од она што родителите мораат да го купат на своите деца за новата учебна година. На ова треба да се додадат и трошоците за основната училишна гардероба на детето, па семејствата кои имаат под две или повеќе деца-ученици треба да потрошат многу повеќе средства.

-Мајка сум на двајца ученици едниот е шесто одделение, а другиот е трето одделение. Веќе го набавивме основниот училишен прибор како што се тетратки и ранци. Исто така за на училиште морав да им купам нови патики, бидејќи старите веќе не им се точни. Исто така купивме и по една нова маичка и некои други неопходни работи. За двајцата потрошив повеќе од 100 евра, а сепак купив просечни и не толку скапи производи. Откако ќе ги добиеме училишните програми очекувам да потрошиме дополнителни средства, вели една наша соговорничка.

Според вработените во охридските книжарници најголем дел од трошокот за училишен прибор за еден ученик е училишниот ранец, кој може да се најде по цена од 300 па до над 3.000 денари.

-Цените на ранците зависат пред се од квалитетот на изработката и од неговата марка, но родителите најчесто се одлучуваат за ранците кои се по цена од 1.000 до 1.500 денари. Освен ранецот од училишен прибор најчесто се потребни големи и мали тетратки со линии и коцки, блок, колаж, дрвени боички, фломастери, пластелин, чантичка за моливи и гуми, а цените на проиводите зависат пред се од нивниот квалитет, но за купувачите секако најпримамливи се оние производи кои имаат пониски цени, велат од охридските книжарници кои успеавме да ги посетивме.

Оттаму нагласуваат дека од година во година во текот на предучилишниот период бележат значително намален промет во споредба со истиот период во изминатите години.

-Економската криза си ги направи своето, така што родителите се принудени да го чекаат почетокот на учебната година, па  според програмата која ќе им ја соопштаат учителите и наставниците ќе го купат потребниот прибор, за разлика од порано кога училишен прибор се набавуваше многу порано уште на средината на август. Но помалиот промет секако се должи и на големата конкуренција која ни ја прават супер-маркетите во Охрид, кои исто така продаваат училишен прибор, велат искусните трговци со училишен пробор во Охрид.

Помал промет пред почетокот на учебната година, во споредба со минатото бележат и бутиците за деца во Охрид. Според информациите кои ги добивме оттаму за да се опреми еден  ученик со основна гардероба од панталони, блуза и јакна родителот ќе треба да издвои од 2.500 до 5.000 денари. На оваа сума ќе треба да се додадат и трошоците за обувки кои во зависност од марката може да се купат по најразлични цени. Но како што се зголемува возраста на ученикот растат и цените на гардеробата, па родителите кои имаат ученици средношколци ќе треба да потрошат поголем износ на средства.

Е.М