Поради интензивни врнежи од снег, сообраќајот на патните правци Гостивар – Стража – Кичево, Маврово – Дебар и кон планинскиот превој Попова Шапка се одвива отежнато и во исклучително зимски услови. На патните правци Стража – Кичево и Маврово – Дебар, е воведена забрана за движење само за тешките товарни возила.

Сообраќајот на останатите магистрални и регионални патни правци низ државата се одвива тековно, без забрани по претежно влажни коловози, поради врнежи од дожд. АМСМ на возачите им препорачува внимателно возење, прилагодување на брзината спрема моменталните услови на патот и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.

Управата за хидрометеоролошки работи соопшти дека под влијание на влажна воздушна маса од медитеранот, во Македонија во петок ќе има нови врнежи од снег.

Поинтензивни врнежите ќе бидат во западните и северозападните делови на земјата. Попладне врнежите ќе престанат, температурите ќе опаднат, а ќе дува и ветер од северен правец.

До недела времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од снег, а во пониските места од дожд и снег. Се очекува врнежите на места да бидат поинтензивни, особено во западните делови. На повеќе места ќе се формира снежна покривка, а температурите значително ќе опаднат.

Ohridnews