– Мора да играме дисциплинирано, со што помалку технички грешки. Одбраната да биде на совршено ниво и од тоа да постигнеме некој гол од контра или полуконтра, да го растовариме позицискиот напад. Оние што се од втор план да дадат повеќе шанси, значи уште 2-3 надворешни бекови, покрај Миркуловски, Мојсовски и Лазаров – истакна за “Дневник“, селекторот Ивица Обвран.
Македонија во воведните натпревари од квалификациите забележа една победа над Швајцарија и претрпе пораз изразена од седум голови разлика од Португалија. За мирно продолжување на македонскиот брод кон континенталниот собир “фалангата“ мора да триумфира на еден од натпреварите со “фуријата“.
– Јавноста секаде е таква, сака победи, тоа ми е јасно, но јас размислувам за сите четири меча, без оглед на тоа како ќе завршат овие две, клучни ќе бидат последните два меча со Швајцарија и Португалија. Сега играме против фаворизираната Шпанија, што веројатно е најдобра репрезнетација на светот, и ќе ни биде тешко, па сакам да ги подготвам ракометарите да бидеме на ниво, да ја изненадиме Шпанија, да победиме или да извлечеме реми. Ако се случи да не го направиме тоа, шансите не се загубени ниту пак ќе се предадеме, последните мечеви ќе решат се` – коментираше Обвран.
По маестралната престава на дуелот со Вардар ПРО во СЕХА лигата, голманот на Металург, Петар Ангелов е вратен во селекцијата како и Милан Левов. Репрезентацијата ќе се комплетира со доаѓањето на Кирил Лазаров и Борко Ристовски кои викендов имаа клуспки обврски.
Квалификациските натпревари со Шпанија, македонската ракометна селекција ги игра на 3 април пред своите гледачи, а четири дена подоцна на гостински терен во Гвадалхара.