Со положување на свечена заклетва , Ѓорге Иванов, денеска и формално стапи на функцијата претседател на Република Македонија.
По инаугурацијата Иванов го имаше и првото обраќање пред пратениците и бројните гости на свечената седница во Собранието. Тој вети дека ќе биде претседател на сите граѓани на Република Македонија и дека посветено ќе работи на остварување на евроатлантските интеграции.
– Ги поттикнувам и поддржувам сите политички лидери, но и независните интелектуалци, бизнисмените и сите луѓе да се однесуваат одговорно кон нашето најголемо национално богатство – добрите односи меѓу заедниците и меѓу граѓаните. Мојата политичка агенда е јасна и недвосмислена: Македонија членка на НАТО и на Европската Унија, силна, почитувана и рамноправна, а нејзините граѓани горди, богати и среќни. За таа цел, Македонија продолжува да чекори без запирање, да чекори на патот на евроатлантските интеграции, водејќи одговорна надворешна и внатрешна политика, посветено спроведувајќи ги највисоките стандарди, истакна меѓу другото Иванов.
Примопредавањето на должноста помеѓу новиот и стариот претседател на Република Македонија се случи во кабинетот на досегашниот шеф на државата Бранко Црвенковски, по што се одржа мала свеченост на која Иванов ги прими првите честитки од присутните гости и политичари на инаугурацијата. На свечената седница во македонското Собрание присуствуваа и неколкумина странски државници, меѓу кои и хрватскиот претседател Стипе Месиќ, српскиот Борис Тадиќ, албанскиот Бамир Топи и црногорскиот претседател Филип Вујановиќ. Денеска Иванов со нив ќе има билатерални средби, а во нивна чест ќе организира и свечен ручек.
На инаугурацијата на новиот претседател покрај премиерот Никола Груевски и неговиот кабинет, присуствуваа поранешните претседатели Киро Глигоров и Бранко Црвенковски, претставници на МАНУ, верските заедници, судството и други државни институции, како и претставници на дипломатскиот кор. Од парламентарните партии единствено инаугурацијата на новиот претседател ја бојкотираше ДПА.
Ѓорге Иванов е роден 1960 година во Валандово каде завршил основно и средно образование. Во 1982 година дипломирал на Правниот факултет во Скопје, каде во 1998 година се стекнал со звање доктор на науки. За шеф на државата беше избран со убедлива победа на претседателските избори на кои Иванов беше кандидат на ВМРО ДПМНЕ.
Прв претседател на самостојна Република Македонија беше Киро Глигоров кој функцијата ја извршуваше од 1991 до 1999 година. Него го наследи претседателот Борис Трајковски кој трагично загина во авионска несреќа кај Мостар во 2004 година. Бранко Црвенковски беше третиот претседател на Република Македонија. Тој по завршувањето на петгодишниот мандат повторно не се кандидираше на што според Уставот имаше право, а на изборите што завршија со вториот круг на 5 април за четврти претседател на државата со околу 450.000 гласови беше избран Ѓорѓе Иванов.
Новиот претседател функцијата ќе ја извршува во новата резиденција „Анекс“ на Водно.