„Се договоривме дека ќе ја поддржиме новата програма за Грција и заедно со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и со доброволното учество на приватниот сектор во целост ќе ги покриеме потребите за финансирање“, изјави Херман Ван Ромпуј на конференцијата за новинарите по завршувањето на самитот.
Вториот пакет помош за Грција кој треба да го спречи натамошното ширење на должничката криза во земјите од еврозоната, предвидува значително намалување на нејзиниот долг и продолжување на рокот за отплата на кредитите од седум и пол на најмалку 15 години до најмногу 30 години, како и намалување на каматите од 4,5 на 3,5 отсто.
Новата програма за помош на Грција вкупно изнесува 158 милијарди евра, од кои 109 милијарди евра ќе бидат обезбедени од “У и ММФ, а 49 милијарди евра од приватниот сектор.
Кон намалувањето на грчкиот долг треба да придонесат според планот и приватните доверители. Што уште од самиот почетокот на кризата го побара Германија. Меѓутоа, учеството на приватниот сектор е ограничено само на помошта за Грција, но не и за другите земји кои имаат слични финансиски тешкотии.
На приватниот сектор, банките, осигурителните компании и инвестициските фондови, понудени им се три можни варијанти за нивно учество во пакетот помош за Грција. Секоја од трите опции предвидува делумна неспособност за отплата на долговите, за што засега во ЕУ категорично одбиваат да размислуваат.
Првата варијанта е откупување на грчките државни обврзници. Европската фондација за финансиска стабилност (ЕФСФ) би и’ позајмила пари на Грција којашто тогаш би ги користела за откуп на своите обврзници според пазарните вредности, кој сега изнесуваат околу половина од нивната номинална вредност. На овој начин значително би се намалил грчкиот долг, но големо прашање е дали тоа ќе биде доволно бидејќи приватниот сектор има околу 190 до 350 милијарди евра од грчкиот долг Според процените на аналитичарите, долгот на Грција долгорочно би требало да се намали на 80 проценти од БДП-то за да биде одржлив, додека во моментов изнесува 150 отсто од БДП.
Имајќи предвид дека банките во својот случај многу би загубиле, веројатно би се покажала потребата ЕФСФ да ги рекапитализира, а бонитетските агенции би прогласиле делумна неспособност на Грција да ги сервисира своите долгови што би можело да ги дестабилизра финансиските пазар, бидејќи со себе ги носи тешко предвидливите ризици за целиот европски финансиски систем.
Европската централна банка претходно најавуваше дека во тој случај нема да ги прифати грчките обврзници како гаранција за кредитите за грчките банки, со што тогаш владите би биле принудени со парите на даночните обврзници да го рекапитализираат банкарскиот систем во Грција и во другите земји на монетарната унија. Меѓутоа, денеска е договорено дека ЕФСФ ќе гарантира за грчките обврзници и Европската централна банка може да ги прифати како гаранција за кредитите на грчките банки.
Втората варијанта предвидува на приватните вложувачи да им се даде одреден временски период да ги заменат грчките обврзници за нови хартии од вредност коишто би имале подолг рок на отплата при што банките бараат новите грчки обврзници да имаат најголем можен кредитен рејтинг ААА, кој би можел да го гарантира ЕФСФ. Но и оваа можност веројатно вклучува и потреба од рекапитализација на грчките банки, а бонитетските агенции би прогласиле делумна неспособност за отплаќање на долгото.
Со третата опција се предвидува приватните инвеститори доброволно да ја прифатат изложеноста на грчкиот долг со купување нови обврзници откако постојните обврзници ќе достигнат за наплата. И оваа варијанта, исто така, вклучува делумна неспособност за отплатување на долгот.
На состанокот во Брисел била отфрлена идејата предложена од Франција, да се воведе посебен данок од кој би се финансирала програмата за помош на Грција.
Инаку до неодамна делумната неспособност за плаќање се сметаше за најлошото можно сценарио, бидејќи банките во тој случај би можеле да останат без пари, што значи дека веќе не би можеле да ги кредитираат претпријатијата и населението, а не се исклучува ниту можноста од стампедо на штедачите ма шалтерите во банките за подигнување на нивните заштеди што дополнително би ја влошило ситуацијата. Меѓутоа, доколку долгот на Грција значително се намали, се предвидува дека делумниот банкрот би траел само неколку денови и бонитетските агенции би ги повлекле своите оцени за ненаплатливоста на делот од грчките обврзници, бидејќи поради намалувањето на кредитното оптоварување би пораснела солвентноста на земјата.
извор:„Макфакс“