Новиот, 113. хемиски елемент во Менделеевиот систем ќе добие име Јапониум, бидејќи го пронајдоа јапонски научници од институтот Рикен. Официјалното објавување на името на елементот е најавено за крајот на јануари следната година. Доколку Меѓународната унија за чиста и применета хемија одлучи да го признае авторството на јапонските научници, елементот најверојатно ќе се вика Јапониум и ќе стане првиот „јапонски“ елемент во периодниот систем. За авторството на овој хемиски елемент веќе повеќе од десет години се води војна помеѓу јапонските и руско-американските научници.
Имено, јапонските научници уште во 2004 година со помош на акцелератор успеаја да го изолираат 113. елемент, а истото го повторија и во 2005 и 2012 година. Истовремено, руско-американските научници во 2004 година објавија вест за пронаоѓање на нов елемент, иако Меѓународната унија за чиста и применета хемија тогаш не можеше да потврди дека се работи за истиот елемент. Во природата не постои елемент кој има поголема тежина од Уранот, односно со атомски број поголем од 92. Сите останати елементи се добиваат вештачки, по пат на синтеза.