На ждребката во Виена за осминафиналните парови во Лигата на Шампиони, Европската куќа на ракометот (ЕХФ) ја претстави новата форма  натпреварување кое ќе се практикува од следната сезона.


– За новиот систем на натпреварување во ракометната ЛШ на прв поглед би рекол дека е конфузен, на втор поглед дека е нефер, а на трет поглед дури и нерегуларен. – вели Зоран Цветановски, претставникот на Металург на ждребката и додаде – Новиот систем на натпреварување е многу различен од досегашниот, со две групи поделени по квалитет. Во првиот сегмент се две групи, А и Б, со по осум екипи, во кои би требало таму да се најдат врвните 16, и уште 12 екипи во втор сегмент што би играле во групите Ц и Д. Системот малку е проблематичен, треба малку да се прегледа и анализира, но во секој случај битно е дека во новиот систем ќе има многу неизвесности, бидејќи ни најсилните екипи од Европа не се сигурни во кој сегмент ќе се натпреваруваат, а неизвесно ќе биде и за екипите од вториот ешалон, затоа што никој од нив не знае ни во која група, ни во кој сегмент, ни дали воопшто ќе учествува. Има спортски и неспортски критериуми, од кои Металург повеќето ги исполнува, но има и некои критериуми што може да бидат проблематични. Новиот систем носи многу нејаснотии и неизвесности, но важно е дека на 20 јуни во Виена ќе се одржи седница на УО, каде што дефинитивно ЕХФ ќе донесе одлука кои екипи ќе учествуваат во ЛШ, во кој сегмент и во која група – изјави Зоран Цветановски, претставникот на Металург во Виена.

Според првичните разгледувања на новиот систем на натпреварување, Македонија би требало да добие едно директно место (за шампионот), а за второ би требало да аплицира РФМ.

– Во моментов Вардар е апсолутен фаворит за освојување на титулата. Металург треба да се избори за втората позиција во првенството и потоа да побара од РФМ да го предложи за дополнително место во ЛШ, па потоа УО на ЕХФ да ја разгледува апликацијата. Но едно е многу важно, Металург до 20 јуни треба да направи тим што на ЕХФ ќе му даде право да му даде место во ЛШ – рече Цветановски.

Новиот систем на натпреварување со себе носи драстична поделба на екипите на силни и слаби, атрактивни и помалку атрактивни.

– Сметам дека токму ваквата поделба е цел на тој што го осмислил целиот систем на натпреварување и затоа реков дека не е фер, бидејќи од првиот сегмент на натпреварување понатаму продолжуваат 14 екипи, отпаѓаат само две, а од Ц и Д продолжуваат само двете најдобри, кои потоа ќе треба да играат со второпласираните од А и Б. Тоа, според мене, не е фер. Но, како и да е, треба да поминат една-две сезони за да се видат искуствата од новиот систем и потоа клубовите од рангот на македонските тимови да скројат стратегија како ќе настапуваат понатаму и дали вреди да се инвестира во скапи тимови или да се оди со млади играчи што ќе се калат и ќе собираат искуство за репрезентацијата. Треба да се осмисли стратегија дали ЛШ да се прифати како место каде што ќе се прави резултат или каде што ќе се прават играчи – рече Цветановски.

Мирко Постоловски