Најновиот филм за тајниот агент Џејмс Бонд, “Skyfall”, премиерно бил прикажан во Ројал Алберт Хол во Лондон. На црвениот тепих се нашле Даниел Крег, трет пат во улога на славниот агент, Џуди Денц, која се појавува во улогата на неговата шефица „М“ и актерот Хавиер Бардем, кој го игра непријателот на Бонд Раул Силва. На проекцијата присуствувал и британскиот принц Чарлс. Приходот од гала проекцијата бил наменет за хуманитарни организации кои им помагаат на припадниците на британските тајни служби.
“Skyfall” е 23 по ред филм од популарниот серијал, чија режија ја потпишува Сем Мендес. Критичарите кои имале можност да го видат го оцениле како еден од најдобрите Бонд филмови. Прикажувањето имало посебно значење затоа што овој месец е половина век од појавувањето на Бонд на големите екрани во филмот „Доктор Но“.