Новиот амбасадор на Европската унија во Македонија, Петер Соренсен, вчера му ги предаде акредитивите на претседателот на државата Ѓорѓе Иванов. Дипломатскиот претставник на Брисел со богато искуство на Балканот ладно ги одбегна медиумите, а во своето обраќање на свечената церемонија ниту еднаш не го изговори името Македонија, а државата ја ослови со „Вашата земја“.

– Ќе ги вложам сите мои напори и капацитет за да и помогнам на вашата држава во напорите да ја оствари својата перспектива во ЕУ и во воспоставувањето на најефикасни односи со институциите од ЕУ“, изјави новиот евроамбасадор, Петер Соренсен.

Данскиот дипломат во Македонија ќе го замени Ерван Фуере, кој немаше проблем со името на државата. Соренсен во Македонија доаѓа во време на политичка криза од која државата излез гледа во предвремени парламентарни избори кои се условени со партиски барања и тактизирања кои ги обременуваат демократските процеси во земјата која силно ја мачи и економска криза.

OhridNews