Новиот албум на Влатко Стефановски – Taftalidze Shuffle, во издание на Croatia Records, се најде на врвот на официјалната листа на продажба на албуми во Хрватска.

На новиот албум Влатко е придружуван од подмладеното трио. Во новата ритам секција членуваат басистот Иван Кукиќ, како и неговиот син Јан Стефановски на тапани.

Албумот е сниман во домашното студио на Влатко – „Езотерија“, додека миксот и мастерингот се работеше во студиото „Тра ла ла“ на Мите Димовски.

На албумот има и многубројни гости, кои уште повеќе ја оплеменија музиката и стиховите на Стефановски. Најбројни се клавијатуристите: Дамир Имери, Кирил Џајковски, Диран Тавитјан, Тихомир Поп Асановиќ, Матија Дедиќ и Васил Хаџиманов.

Придружните вокали ги пееше Андријана Јаневска, додека познатиот кавалџија Теодосиј Спасов во една песна свири труба.

Меѓу гостите на албумот е и актерот Никола Ристановски, кој во песната „Дијаспора“ има мал речитатив.

Taftalidze Shuffle претставува извонредна колекција на вокални и инструментални теми на Влатко, низ кои бојата на неговата гитара е нешто што вечно останува во меморија на слушателот.

Албумот содржи девет теми: Taftalidze Shuffle, Funky junkie, Игранка, Гаража, Global Warming – local freezing, Огледало, Немам песна за тебе, Раскрсница, Дијаспора.

Освен на компакт-диск, Taftalidze Shuffle на Влатко Стефановски деновиве Croatia Records ќе го објави и на винил.

OhridNews