Шон Хоар, новинар на весникот, кој беше и првиот новинар што тврдеше дека Енди Колсон, поранешен уредник на весникот и претставник за медиуми на британскиот премиер, знаел за хакирањето и прислушувањето на телефоните,  е пронајден мртов, јавува „Макфакс“.

Хоар, кој со Колсон работел во весниците Sun и News of the World пред да биде отпуштен поради проблеми со алкохолот и дрогите, најден е мртов во неговиот стан во Ватфорд.

Локалната полиција се уште не го потврдува неговиот идентитет, но во изјавата потврдува дека денеска била повикана на адреса во Ватфорд, каде што нашле мртов маж.

„Смртта во моментов се води како необјаснета, но не и како сомнителна“, тврдат од полицијата.

Хоар беше првиот кој за весникот The New York Times ги изнесе наводите за хакирањето на телефоните од страна на весникот News of the World и тврдеше дека Колсон знаел за хакирањето и ги поттикнувал вработените да ги прислушуваат телефонските разговори на познатите личности. Подоцна во изјавата за BBC тврдеше дека тогашниот уредник Колсон и лично барал да се прислушуваат телефоните.

Хоар признаваше дека има проблеми со алкохолот и дрогата и дека бил на лечење од зависност, но тврдеше дека тоа е небитно за случајот. Тој тогаш за очигледните повреди на неговото лице велеше дека ги добил кога местел шатор на детска забава.

Британскиот премиер Дејвид Камерон го ангажираше Колсон откако тој во 2007 година даде оставка на уредничката позиција поради прислушување на телефоните на кралското семејство.

OhridNews
извор: „Макфакс“