Новинарка и снимател во една американска локална телевизија во Вирџинија, поврзана со телевизиската мрежа CBS, биле убиени додека вршеле јавување во вестите во живо денска наутро, пренесуваат американските медиуми.

Според генералниот менаџер на телевизијата WDBJ-TV, Џеф Маркс, жртвите, 24-годишната новинарка Алисон Паркер и 27-годишниот снимател Адам Вард починале набрзо откако на нив било пукано во месноста Бриџвотер Плаза, близу планиското езеро Смит во градот Монета.

„Имам тажна должност да соопштам дека Адам и Алисон починаа утринава. Не знаеме кој е осомничениот или убиецот“, изјавил Маркс.

Според WDBJ-TV, Вард бил студент на факултетот „Вирџинија Тех“, додека Паркер дипломирала на Универзитетот „Џејмс Медисон“.

Се уште е нејасно дали двајцата бил цел на напаѓачот, рекол Маркс, додавајќи дека телевизијата соработува со полициските власти во трагањето по сторителот.

OhridNews
Извор:„Макфакс“