Генералниот секретар на здружението Газменд Ајдини, рече дека досега во здружението е примена една официјална апликација за кандидат за претседател, но според нивните информации ќе има уште најмалку два други претседателски кандидати.
“Се наоѓаме на крајот на процесот на реформирање на Здружението со имплементирање на новиот Статут и новите правилници на ЗНМ. Финалната активност во овој процес ќе се одржи оваа сабота, во Хала 5 на Скопскиот саем, со почеток во девет часот. Како најважно да се издвои од новиот Статут е можноста на сите редовни членови да гласаат, по принципот на еден член – еден глас,“ рече Ајдини.
Тој повторно апелираше до колегите новинар кои сè уште го немаат регулирано членството да ја искористат можноста до 19-ти ноември да ги предадат потребните документи за регулирање на членството и да дојдат во сабота за да го дадат својот придонес во иднината на ЗНМ.
Зачленувањето за новите членови на ЗНМ ќе се одвива и на самиот ден на Изборното собрание и тоа од 9 до 10 часот. Деталите околу зачленувањето и кој сè може да биде член може да се добијат на веб-сајтот на ЗНМ. За новинарите од внатрешноста, кои го најавиле своето присуство, ќе биде организиран бесплатен превоз и тоа, од шестте регионални центри низ Републикава; Тетово, Охрид, Струмица, Штип, Битола и Куманово.
извор: „Макфакс“