Ситуацијата во македонската медиумска сфера е очајна и исклучително лоша. Новинарите имаат многу малку права, многу обвски, премали плати, немаат никакви бенефити и работат од ентузијазам- рече Јасмина Поповиќ, потпретседател на Меѓународната федерација на новинари и поранешен претседател на синдикатот на новинари на Хрватска на обуката организирана од ССНМ „Лобирање во медиумската индустрија“, што се одржува во Охрид.

Институциите во државата, според неа, немаат создадено рамки за развој на новинарските слободи и права.

– Системот е наопаку составен и новинарите мораат да се борат за се што во демократските општества се подразбира.Вие на сите начини се обидувате да дојдете до темелот кој кај нас постоеше одамна и само го надградувавме. Вие сте принудени да почнете од почеток, бидејќи односите во медиумите и релациите со властите се недефинирани. Не постои силна легислатива која ќе го штити новинарот кој пак секојдневно се обидува да се одлепи од етикетата дали е од провладин или опозициски медиум. Каков и да е медиумот, во него мора да биде напишана вистината. – рече Поповиќ.

Работничките права на новинарите се слични речиси во сите балкански земји, регулирани само на хартија,а тие се неединствени, апатични и недоволно заинтересирани да ги променат состојбите. Она што дополнително треба да ги освести новнарите за да се борат за своите права се анализите дека бројот на новинари за 20 години ќе се намали за 20.000 во европски рамки.

-Разноликоста во Европа се намалува. Медиумите се соочуваат со исти ситуации и речиси исти сопственици, кои се далеку од редакциите и не ги познаваат новинарите. Нив ги интересираат само профити и затоа даваат откази на секој четврти новинар. Нема консензус што е важно да се објави во медиумите.– вели Арне Кониг од Шведскиот синдикат на новинари и поранешен претседател на Европската федерација на новинари.

Она на што според учесниците на обуката, треба во моментов да се работи е враќање на силно членство во синдикати и новинарски здруженија, мотивација и заштита на професијата.

-Елитизмот никому не му помага. На волјата на газдите може да биде изложен секој без разлика дали е препознатлив лик, познат колумнист, наградуван или Тв ѕвезда новинар.– рече Поповиќ.

Според пратеникот Павле Трајанов во Макеоднија денес тешко се пробива вистината во медиумите.

Државата не може да оди напред ако медиумите се поделени во тоа што е вистина. Во деновите што следат, поради стеснување на просторот со рекламите од Владата ќе расте притисокот врз новинарите и врз нивните работни места. И во вакви случаи многу е тешко да се одржи независноста на медиумите.– рече Трајанов.

Според него состојбите можат да се променат доколку новинарите се гласни, ако темата за која лобираат ја држат со денови актуелна со факти и аргументи, ако притискаат и се упорни.

Овие работилници се во ракмите на 5 дневната обука на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници „Лобисти во медиумската индустрија“ , во рамките на проектот „Работнички права на медиумските работници“, поддржан од Британската амбасада во Скопје, На обуката учествуваат 15 новинари и медиумски работници кои ги споделуваат личните искуствата и согледувања за актуелните медиумски економски состојби компарирани од локални и меѓународни експерти.

OhridNews