Македонските новинари денеска во Скопје одржаа марш на солидарноста за враќање на достоинството на професијата и зачувување на етичките и професионални стандарди.


Маршот што го организираа Самостојниот синдикат на медиумските работници и Здружението на новинарите почна во 5 до 12, како симболика на актуелните состојби во македонското новинарство. Новинарите со транспаренти во рацете продефилираа од пред седиштето на ЗНМ до плоштадот „Македонија“ каде ги истакнаа своите барања.


Новинарите побараа од работодавачите да го признаат Синдикатот како реален партнер во социјалнито дијалог, да не го третираат новинарскиот труд само како алатка за исполнување на личните бизнис или политички интереси, а институциите да не бидат орудие за дисциплинирање на медиумите,  туку партнер во борбата за спроведување и неселективно почитување на законите со кои се регулираат работничките права, но и на конвенциите за слободата на говорот.

 – Ова што ни се случува не заслужува да биде проследено со молк и рамнодушпност ниту од јавноста, ниту од фелата.  Затоа го организиравме овој марш за солидарност да покажеме дека сме способни да ги збиеме редовите и извлековме поука оти никој не е недопирлив, и дека само обединети сме силни и можеме да ги смениме работите, рече претседателката на Самостојниот синдикат Тамара Чаусидис.


Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, истакна дека со денешниот марш се роди солидарност меѓу новинарите, а тоа покажува дека има иднина за македонското новинарство.

– Сакаме јасно да кажеме дека од никого не бараме милост, туку да се почитуваат нашите работнички права, кои се гарантирани со закон, порача Селмани, кој се огради од сите обиди за злоупотреба и политизација на протестот.


Маршот на солидарноста го поддржаа и новинарите од Охрид и Струга.

OhridNews