Ништо не навестуваше дека тоа утро може да се случи таква трагедија. Времето беше убаво, езерото мирно. И наеднаш стигнува информацијата „Потона брод во езеро!“. Шок, неверување, прашања има ли жртви…, се сеќаваат новинарите од Охрид кои известуваа за овој немил настан тој кобен 5 септември 2009 година кога потона бродот „Илинден“ во Охридско Езеро. Велат следеше страшна глетка, извлекување на телата на починатите, брза помош, спасители, лекари, бродари, полиција… Болка, тага и солзи. Голема трагедија.
Бродската несреќа што се случи 2009 година ја паметам и ден денес и е еден од настаните кои искрено не би сакала никогаш да се повтори, вели новинарката Александра Котушеска Ристоска.
Како дописник на дневниот весник „Нова Македонија“ одевме на настан со мојата колешка Сузана во Струга. Се сеќавам дена се одржуваа синдикални игри. Беше навистина шок за мене кога ја добивме информацијата, „потонал брод со патници“. Паметам дека првите информации кои ги побаравме беа, кој брод потона и дали има жртви? Добивме информација дека бродот е потонат на околу 200 метри од брегот кај Елешец. Колешката возеше многу над дозволеното, но за среќа немаше полиција. Не можам да опишам како се чувствував кога стигнавме. Од сите страни довикувања, паника, лелеци. Возила на Итната медицинска помош, спасувачи, мештани. Сите некако помагаа, но, сите беа во паника. Ни кажаа дека официјално никој не може да даде информација дали и колку жртви има. Но, за кратко време веќе почнаа да се извлекуваат тела и да се бројат жртвите. Страшна беше глетката на давеници покриени со бели чаршафи. Посакувавме некој да каже дека тоа е конечната бројка но се извлекуваа уште тела. Страшно и незапамтено. Да не се повтори, вели Котушеска Ристоска.
Иако помина 15 години од бродската несреќа сѐ уште се сеќавам на денот на трагедијата во која животот го загубија 15 лица, туристи од Бугарија, вели новинарката Сузана Вренцоска.
Утрото со мојата колешка Сашка тргнавме на настан во Струга. Бевме некаде пред влезот на Струга кога од редакцијата Вечер каде тогаш работев, ми јавија за несреќата. Веднаш се вративме, памтам по пат со Сашка прибиравме информации од колегите кои веќе беа пристигнати на местото каде се случи несреќата оти Вечер требаше најдоцна до 12 да се прати прилогот за да може да се направи припрема за печат. Тој ден паметам дека се чекаше многу подолго. Кога стигнавме глетката беше страшна. Видовме луѓе кои спасуваа, луѓе кои викаа и покажуваа каде да се упатуваат спасителите оти во водата се гледаа тела. Имаше турист кој ни објаснуваше оти видел дека бродот за неполни две минути потонал, така барем ни кажа. Поминавме часови барајќи официјални податоци но тешко се доаѓаше до нив, а за сето тоа време најстрашно од сѐ беше глетката со извлечените тела на брегот покриени со бели чаршафи. Тоа не се заборава, вели Вренцоска.
Несреќата се случи, тоа е веќе позната приказна, кажано е се што може да се каже, вели новинарот Александар Бачиќ Но тој настан тогаш промени се, додава тој.
Она што го паметам тој 5 септември, е што времето тој ден беше прекрасно, површината на езертото рамна како тепсија, дури неверојатно дека ќе се случи она што го посведочивме сите ние… Тоа беше последниот убав ден таа летна сезона 2009. Од следниот ден временските услови се влошија, со денот на несреќата таа летна сезона заврши…многу порано споредбено со останатите…, вели Бачиќ.
Спомените за овој немил настан навираат како да беше вчера, вели новинарката Нина Аритоновска додавјаќи дека утрото на 5ти септември никој не ни помислувал дека може да се случи таква трагедија во водите на Охридското Езеро.
И додека ги правевме подготовките за работниот ден во телевизија пристигна дојава за потонат брод, најнапред оваа информација ја примивме со неверување но откако се потврди за точна како екипа веднаш се упативме на местото на настанот ,како се приближувавме добивавме податоци за жртви кои се пребројуваа за на крај да достигнат бројка од 15 загинати бугарски туристи. Потресен настан кој никогаш нема да се заборави. Потонувањето на „Илинден“ беше најголемата бродска несреќа во историјата на нашата земја, додава Аритоновска.
Пред точно 15 години работев за локалната НТВ и тој трагичен ден вечно е врежан во мојата меморија, се сеќава Соња Рилкоска.
Паметам бевме во канцеларија, имавме состанок со колегите, кога мои пријатели, кои имаат вила во Лагадин ми се јавија и ми рекоа; „Потона брод во езеро! Слушаме врисоци! Лоша е многу состојбата!“. Вознемирени, веднаш цела екипа тргнавме кон Елешец. Имаше полиција, брза помош, спасители, лекари, бродари, новинари,случајни минувачи…. гужва. Траорна слика, загриженост, воздишки, лица завиени во болка, тага и солзи. Се вадеа безживотни тела, се тешеа преживеаните. Новинарите не се имуни на вакви трагедии, сите сочуствувавме. Паметам, тешко беше да се прибереш и да можеш професионално да информираш за состојбата. Останавме до ноќта на терен, и така беше со денови. И денес кога се потсетувам на тој ден силно се потресувам. Тоа беше една од најтешките и најголемите трагедии, на која сум работела во мојата кариера, додава Рилкоска.
Се сеќавам дека беше убав топол септемвриски ден и иако по напорното лето со многу работа, сите го чекавме месец септември за да колку толку здивнеме, одеднаш како гром од ведро небо одекна веста дека потонал брод во Охридското Езеро, вели новинарот Мики Трајковски.
Никој ништо не знаевме повеќе од тоа, едноставно сите колеги новинари, набрзо пристигнавме на местото на настанот. Во меѓувреме почнаа да се слушаат сирените на брзата помош. Кога пристигнавме на лице место, сликата беше повеќе од траорна. Потонатиот брод се гледаше се уште во езерото, а до нас исплашени лица на оние кои преживеаа во несреќата, но плач и болка од сите страни. Едноставно веста за потонатиот брод „Илинден“, стана вест број еден и главна тема во сите домашни и странски медиуми. Целиот ден го поминавме на лице место, во текот на денот пристигнаа и колегите-новинари од Бугарија, политичари, владини претставници и од земјава и од Софија. Тој ден и денови потоа, ова беше вест број еден, бидејки напоредно со ова се редеа и информации и барање на одговори за причините и евентуалната одговорност за несреќата. Како и да е и по 15 години после тоа, гледано од оваа перспектива, тоа беше едно големо искуство во мојата новинарска кариера, точно и проверено со оглед на бројните шпекулации да се пренесе точна вест до гледачите. Тој ден и тој настан никогаш не треба да се заборави, но и да биде опомена за сите, за никогаш повеќе да не се повтори.
Тој 5 септември утрото ништо не навестуваше дека ќе има таква трагедија, а првата инфомација за несреќата ја добив од Чомовски, нашиот тогашен прв уредник на македонската редакција овде во Македонија и веднаш потоа се слушнав со Зоран Јордановски тогаш главен шеф на Дојче веле бидејќи во тоа време бев и дописник за таа редакција на македонски јазик, вели новинарот Милчо Јованоски.
И тргна таа лавина на информации. Постојано уште при поаѓањето кон Елешец ги пресретнавме возилата на Брза помош кои веќе најверојатно беа и пред нас стигнати. Несреќата се случи околу 10:35 часот, а јас веќе бев на местото на настанот 5 минути до 11 часот. Беше еден навистина тежок ден за нас како новинари, медиумски куќи. Немавме пристап дирекно, полицијата го опколи местото. Беа штури инфомациите кои ги добивавме по различни канали и навистина тој ден беше тешко да се видат и останатите за среќа преживеани бугарски туристи со кои успеваваме да разговара,е и да напишеме по некоја изјава за тоа што се случувало. Мислам дека ваква трагедија до сега на Охридско Езеро не се случила и дека ова е една опомена за се што треба да се случува понатаму со езерскиот сообраќај, да биде внимателно градена таа стратегија зошто никогаш не се знае со езерото и тајните кое тоа ги крие, а од друга страна и безбедноста на пловилата мора да биде на високо и професионално ниво, вели Јованоски.
Неколку дена, посочува, настанот беше топ тема во медиумите, а новинарите требало да обезбедуваат постојано нови информации.
Бевме по охридските болници, местата каде беа сместени бугарските туристи и со тие приказни што ги објавуваме по различните медиуми јас и моите колеги придонесовме јавноста да биде навремено, вистински и целосно запознаена со тоа што се случи во Охрид. А мислам дека и некој дел од тие податоци и фотографии од луѓе кои ги праќавме им ја олеснивме работата на семејствата кои безнадежно очекуваа вести што се случува токму со нив. По трагедијата со авионската несреќа која се случи во Охрид, ова беше поголемо нешто за кое како новинар, за жал, сум известувал. И ние сме луѓе со емоции ги доживуваме немилите настани и ги преживуваме откако ќе помине целата работа, бидејќи во моментите кога известуваме размислуваме само за информација плус, додава Јованоски.
Инаку, несреќата се случи на 5 септември 2009 година во 10:35 часот, кога потона бродот „Илинден“ што со 57 патници сообраќаше на релација од Охрид за Свети Наум. Бродот се преврте и потона на околу 250 метри оддалеченост од брегот на езерото, кај автокампот „Елешец“. Во несреќата загинаа 15 бугарски туристи. Осум од жртвите беа жители на општина Антон, четворица од општина Пирдоп и по еден од општините Златица, Мирково и Рибарица.
Н.С.Ј./Г.М