Корупцијата во новинарството и пристапот до информации е тема на еднодневната работилница што денеска во организација на Здружението на новинарите на Македонија-ЗНМ, ќе се одржи во Охрид.
Охридската е прва од серијата работилници предвидени со проектот „Новинарите против корупцијата“-зајакнување на етичките стандарди, што ќе се организираат во регионалните центри на ЗНМ. Целта е јавно да се проговори за проблемите во новинарството и да се посочат негативните примери.
Покрај ова, ЗНМ отвори и бесплатна телефонска линија 0800 54321 на која граѓаните ќе може да го пријавуваат коруптивното или неетичко работење на новинарите.
На денешната работилница во Охрид ќе стане збор и за тоа колку новинарите го користат Законот за пристап до информациите во својата работа и дали непречено им се овозможува пристапот до потребните информации.
Г. Момироски