По повод Светскиот ден на слободата на говорот, на градскиот плоштад во Скопје , Здружението на новинарите на Македонија, денеска ќе организира протест под мотото “За достоинство на професијата, за достоинство на новинарите.
Новинарите и новинарската професија ја бранат демократијата и затоа не смеат да бидат омаловажувани, навредувани и казнувани со високи казни за јавно изречен збор. Во изминативе две години во македонските судови се водат повеќе од 160 постапки за клевета и навреда , а во вкупно изречените пресуди новинарите се казнети со вкупно 250 илјади Евра . Казни кои не се изрекуваат и во најтоталитарните системи во светот, велат од Здружението на новинарите на Македонија – ЗНМ.
Еснафот на новинарите , досега неколкупати потенцираше дека во судовите повеќето од судиите чесно и одговорно си ја вршат својата работа , но оние другите треба да се охрабрат да им оддолеат на политичките и бизнис притисоците и да ги остават новинарите професионално да си ја вршат својата работа и да ги жигосуваат недемократските појави. Новинарите не бараат амнестија и се согласуваат тие што се виновни да бидат казнети, но остро се противат на бројните процеси со кои им се упатува порака да молчат, истакнуваат од ЗНМ.
Во интерес на слободата на говорот како основно човеково право , на протестот новинарите ќе порачаат дека не се алатка за создавање на нечии политички и бизнис кариери , ниту пак мегафони за јавно презентирање на нивните ставови. Професионалците во новинарската фела се свесни дека меѓу нив има подлизурковци , полтрони и рекетари и се оградуваат од нив, но за жал таквите во некои медиуми имаат водечки позиции.
За лошите состојби во новинарството, што се одраз на севкупните случувања во земјата, делумно се виновни и самите новинари. Разединети тие се немоќни да се спротистават на влијанијата на политиката и бизнис моќниците кои неретко се дел од сопственичката структура на медиумите. Во таква ситуација дел од новинарите се експоатирани, други се интрументализирани, а трети ја валкаат професијата служејќи им исклучиво на интересите на политиката и бизнисот кои дебело ги наградуваат. На таквите, често и најгласни критизери и “ексклузивни“ наратори, местото не им е во новинарството, но за жал тие се тука меѓу нас, препознатливи по својот “уникатен“ стил и удобна положба во медиумите. Затоа разединетата новинарска заедницата треба да ги надмине личните суети, да се обедини и да почне да го чисти својот двор од поединци кои не и нанесуваат штета само на фелата, туку и на општеството.