Новинарите од Македонија се подготвени да се соочат со корупцијата , митото и неетичкото однесување во сопствените редови, беше речено на конференцијата за спречување на корупцијата меѓу новинарите, што денеска се одржа во Охрид.
Оваа конференција е прва од серијата јавни дебати што ги организира Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), во соработка со Институтот за трајни заедници и УСАИД. Од расправата треба да произлезат заклучоци кои ќе бидат имплементирани во Кодексот на новинарите.
„Никој не е имун на корупција, па ни новинарите и затоа е потребно отворено да се разговара и да се исчисти сопствениот двор од поединци кои со неетичкото однесување го девалвираат новинарството“, смета претседателот на ЗНМ Роберт Попоски. Според него, најпрвин треба да се дефинира што е тоа мито и корупција во новинарството, а потоа да се раговара сериозно за проблемот во кој некогаш новинарите се жртви на повисоки, политички или бизнис интереси.
Во борбата против корупцијата ЗНМ денеска ја промовираше бесплатната телефонска линија 0800 54321 на која граѓаните ќе можат да пријавуваат неморално однесување на новинарите. Таа нема да се злупотреби вели Поповски, кој сепак очекува дека кампањата ќе наиде на одредени пречки меѓу новинарите.
„Со ова ќе ги изнервираме малкумината кои се служат со вакви методи, но посериозни пречки не очекувам. Во ниту еден момент нема да направиме злоупотреба на информациите што ќе ги добиваме до крај ќе го испитуваме случајот, а особено ќе биде почитувана презумцијата на невиност бидејќи, најтешко е да кажеш за колега дека не работи професионално“, рече Попоски.
Во СВР Охрид како што информираше Стефан Димоски, иден портпарол на охридската полиција, досега не е пријавен ниту еден случај на корупција или примање мито од страна на новинар од Охрид. Високо мислење за новинарите има и локалната самоуправа. “ Од мое лично искуство можам да кажам дека однесувањето на локалните новинари е на високо, професионално ниво“ истакна Васко Ложанкоски, задолжен за информирање во општина Охрид.
Покрај ова на конференцијата во Охрид стана збор и за Законот за пристап до информации, кој како што беше посочено сеуште не профункционирал, што според новинарите се должи на неподготвеноста или одбегувањето на институциите да даваат информации за своето работење.
Г. Момироски