За претседател на Синдикатот едногласно беше избрана Тамара Чаусидис, новинарка во Алсат ТВ и една од иницијаторите на „Новинарското востание“.
„Правото на работа и на достоинствени и добри услови за работа е основно човеково право и факт е дека медиумската сфера и ние новинарите кои сме по функција заштитници на човековите права некако последни за себе мислевме и последни направивме нешто за да се смени во медиумската сфера. Јас сум голем оптимист и ние денеска го направивме првиот голем чекор кон регулирање на работите во медиумската сфера,“ рече Чаусидис.
На основачкото собрание на Синдикатот кој треба да ги обедини сите медиумски работници беа потпишани 60-тина пристапници, но иницијаторите нагласија дека постои голема заинтересираност кај медиумските работници за членство во новиот Синдикат, особено поради тоа што во него ќе може да членуваат фриланс новинарите, пензионираните новинари, новинарите кои имаат несредени работни односи, оние кои работат со договори на дело, без здравствено осигурување итн.
„Мисијата на синдикатот е многу едноставна, таа е да ги застапува економските интереси, да ги подобрува условите за работа на своето членство, да се бори за еднакви услови за вработување и унапредување, за подобрување на стандардите во медиумската сфера и за јакнење на солидарноста на припадниците во таа сфера“, порача Чаусидис.
извор: „Макфакс“