Во писмото кое се испраќа во пресрет на Извештајот од Европската комисија се наведува дека новинарите се свесни дека оваа есен македонското новинарство ќе биде подложно на одредена критика во годишниот извештај.
Новинарите и професорите изразуваат уверување дека слободата на медиумите во нашата земја е непостоечки проблем и во форма и суштина како што некои би сакале да го прикажат македонското новинарство.
Според нив, македонското новинарство не пати од владини притисоци или контрола. Македонија во моментот има најмногу медиуми по глава на жител во регионот.
„Нашиот главен проблем е мрежата на луѓе, блиски до екс-комунистичката владејачка партија (сега СДСМ) кои едноставно не сакаат и не можат да го прифатат плурализмот во општеството, во политиката и во економијата. Тоа се луѓе кои се спротивставуваат на секаква промена и реформи, и кои се спротивставуваат на разградување на односите кои се поставени уште во комунизмот со силна поткрепа на тајните комунистички служби. Токму затоа таа мрежа денес остро се спротивставува на лустрацијата. Ние ги нарекуваме „црвени комесари“ и „евроболшевици““, пишуваат новинарите и професорите.
Велат дека според СДСМ македонското новинарство се соочува со големи проблеми.
„Но, тоа не е недостатокот на слободата на говорот. Најголемиот проблем го гледаат во ниските професионални стандарди, но и во аспирацијата на сопствениците на медиумите во политиката преку нивните телевизии или весници да се нагодуваат со државните институции, односно да тргуваат со нивните лукративни интереси и да очекуваат да им се прогледува низ прсти за незаконските постапувања“, стои понатаму во писмото.
Најголем пораз, за нив како новинари е неуспехот преку професионалното здружение да ја пресечат мрежата на идеолошките комесари која беше инсталирана во првите неколку години на транзицијата. Како што тие посочуваат, всушност им дозволиле да го окупираат единственото новинарско здружение кое делува како монополистичка организација.
За крај Мирка Велиновска, Ивона Талевска, Горазд Росоклија, Боријана Дичевска, Миленко Неделковски, Дарко Јаневски, Панде Колемишевски, Јанко Илковски, Бобан Нонковиќ, Драган Павловиќ Латас, Мартин Панчевски, Благоја Самакоски, Умберто Паскали изразуваат надеж дека Филе сепак најдобро ќе може да го разбере нивниот јад во ситуација на важна и значајна битка за новинарските стандарди.
Според нив, еврокомесарот не може да им помогне, но го замолуваат да не дозволи истата битка да стане невозможна, бидејќи сметаат дека Македонија не може вистински да се трансформира во функционална демократија ако не го победат целосниот вредносен систем на групата на пропагандисти и партиски војници.
Писмото покрај до еврокомесарот Филе, кој денес доаѓа во Македонија, е испратено и до Канцеларијата на Европската комисија во Скопје.
извор:„Макфакс“