За време на истражувачките работи на локалитетите Плаошник и кај Самоиловите тврдини во Охрид се откриени нови, исклучително вредни археолошки наоди, со кои се потврдува континуитетот на живеењето и развојот на цивилизацијата на овие простори, информираше денеска директорот на националната Управа за заштита на спомениците, археологот Паско Кузман

Сите сме изненадени колку е исклучително богат локалитетот Плаошник, со вредности од сите периоди. Последно се откриени вредни керамички садови, како и неколку епиграфски споменици во кои се спомнува стариот антички град Лихнидион, старото племе Десарети, што се мошне значајни откритија, рече археологот Кузман.


Тој обелодени дека под источниот бедем на Самоиловата тврдина е пронајдено уште едно вредно археолошко откритие – пештера со гробница.

Интересно е што гробницата некогаш, кога велам некогаш мислам на периодот од 5 до 7 век, била ограбена, бидејќи внатре беа пронајдени само два костура, без нивните прилози. За прв пат на таа локација за прв пат се откриени наоди и гробови од македонско-хелинистичкиот период од 3 до 2 век пред нашата ера, и тоа со богати златни прилози – обетки со негроидни, лавји глави, ѓердани и слично, рече Кузман.

Кузман најави дека наскоро охридскиот Завод и Музеј ќе ги продолжи истражувањата на локалитетот кај Самоиловита тврдина,  а сите пронајдени експонати по нивното обработување, конзервирање и  архивирање, ќе бидат ќе бидат изложени во Музејот на Робевци.

Ohridnews