Македонската развојна фондација за претпријатија денес во Скопје ги промовираше двете видео реклами посветени на алтернативниот туризам под насловот „Излези во природа, влези во авантура!“.

Едната реклама се однесува на четири продукти кои имаат туристички потенцијал, а тоа се  велосипедизмот, планинарството, параглајдерството и рибарството. Овие туристички продукти биле идентификувани во соработка со голем број актери кои работат во туризмот или во области поврзани со туризмот од општините Охрид, Струга, Вевчани и Дебарца.

Втората реклама, покрај четирите продукти од македонска страна, опфаќа уште три продукти дефинирани како културно, природно и кулинарско наследство, идентификувани од страна на албанскиот партнер на МРФП, Партнерс Албанија и се однесуваат на регионот на Корча и Поградец во Република Албанија.

-Промовирањето на алтернативните форми на туризам во овој пограничен регион има за цел да им понуди на заинтересираните поинаков, поактивен одмор од една страна, а да ги поттикне жителите на овие региони да размислуваат за алтернативниот туризам како за економска можност со која ќе можат да обезбедуваат егзистенција, било истакнато на денешната промоција.

Двете видеа се дел од проектот „Кон алтернативен туризам“ што го спроведува МРФП во партнерство со Локалната агенција за развој од Струга и Партнерс Албанија од Тирана. Проектот е финансиски поддржан од Европската Унија како дел од третиот повик на ИПА програмата за прекуграничната соработка меѓу Македонија и Албанија.

OhridNews