Градскиот фудбалски клуб „Охрид – Лихнидос“ и официјално од денеска има нови предводници. Старата управа си замина, а на нејзино место доаѓаат познати спортски имиња со репрезентативно и интернационално реноме.

Клубот од денеска го предводат Данчо Целески и Гоце Толески.

Целески е некогашен голман на Охрид од генерацијата која го направи најголемиот успех по осамостојувањето на земјата со пласман во Првата фудбалска лига, долги години голман број 1 во сениорската репрезентација и со богата меѓународна кариера во Унгарија и Турција, а потоа тренер на голманите во репрезентацијата со меѓународна лиценца.

Гоце Толески, исто така, е познат на охридската и македонската фудбалска јавност. Играл за повеќе клубови во домашното првенство, како и за: Wacker Burghausen, SIAD Most, Slavia Prague, Sigma Olomouc и Mladá Boleslav. Тој исто така е поранешен репрезентативец на Македонија.

 

Првичната наша цел е да го стабилизираме клубот. Вративме во екипата неколкумина млади играчи од Охрид, а планирани се и засилувања со кои во пролетниот дел ќе го потврдиме второлигашкиот статус. Плановите се следната сезона да атакуваме повисоко на табелата. – истакна менаџерскиот двоец.

На чело на стручниот штаб на ГФК Охрид останува Пепи Џигероски, а ќе му помага Александар Бакулески, кој ќе биде играч – помошник тренер.

Г. Момироски