Вкупниот број на заболени од коронавирус во земјава во моментов е 70 лица, изјави на прес конференција министерот за здравство, Венко Филипче.

По потврдените два случаи утрово, во Охрид и Скопје, министерот информира за уште три пациенти-една пациентка која претходно патувала во Србија, бабата на заболеното девојче од Штип и еден пациент во Скопје. Според тоа, градови во кои досега се регистрирани случаи на лица заболени од коронавирус се: Скопје, Дебар, Гостивар, Штип и Охрид.

  • Сите пациенти се со релативно стабилна клиничка слика, лесна до средна, освен пациентката која беше приклучена на респираторна машина и која сега се наоѓа во критична состојба. Направена е домашна визта кај скоро сите лица кои се на домашно лекување, бидејќи дел од нив избраа дома да се лекуваат, а нивната состојба тоа го дозволува, рече министерот Филипче.

Потенцира дека во моментов земјата располага со доволен број респираторни машини со оглед на проценките дека на 1000 заболени лица само 50 имаат потреба на приклучување на респираторна машина.

Во тек е набавката на дополнителен број респираторни машини, а од Кина и официјално е потврдено дека ќе донира 200 и во тек е процедурата околу нивното испраќање.

Досега во земјава се извршени 888 тестирања. Од понеделник на два пунктови во Скопје, на клиниката во Чаир и Јане Сандански граѓаните ќе може да вршат тестирања преку Мој термин.

OhridNews