Од 30- ти јуни до 4- ти јули, Охрид ќе биде домаќин на четвртото по ред издание на Меѓународниот фолклорен фестивал “ Разиграно оро 2010” .

“ Горди сме што и оваа година учествуваат претставници од голем број земји како што се: Русија, Полска, Србија, Хрватска, Бугарија , Албанија, Грција  и Босна и Херцеговина.  Ќе земат учество над 30 ансамбли и повеќе од 1.300 учесници”,вели Љупчо Милкоски, Претседател на КУД “Филиграни” и еден од организаторите на фестивалот.

“ Намера ни е фестивалот да прерасне во најмасовна фолклорна манифестација  на Балканот. Полека се движиме кон таа цел со оглед на се поголемиот број учесници од година во година”, вели Илче Горески, координатор на фестивалот. “ Наша цел е организирано да доведеме што поголем број ансамбли, кои до сега често пати доаѓаа стихијно” , објаснува Горески.

Новина на овогодинешниот фестивал “ Разиграно оро 2010” е трибината која ќе се одржи во рамки  на фестивалските активности на третиот ден од неговото одржување, на тема “ Различни фолклорни вредности- пат за зближување на културите” . Истиот ден, ќе се одржи и ревија на народни носии.

Годинава, на фестивалот ќе учествуваат и македонци кои живеат во соседните земји, меѓу кои: Друштвото за македонско- хрватско пријателство “ Браќа Миладиновци” од Осијек, “ Илинден” од Тирана, “ Тоше Проески” од Панчево и Културно- уметничко друштво од пиринскиот дел на Македонија.

Т. К.