Дваесет и осмото издание на  „Поетската ноќ во Велестово“, што  ќе се одржи на 15,16 и 18 јули 2016 година, воведува нови содржини како што е претставување на една светска национална поезија.

Годинава на 16-ти јули ќе биде презентирана современата Ирска поезија со настап на четворица поети, а ќе биде промовирана и Антологија на ирската поезија во која се претставени 11 поети.

Манифестацијата „Поетската ноќ во Велестово“, која е поддржана од Општина Охрид, ќе  започне на 15-ти јули со портрет на поетот Санде Стојчевски. За неговото творештво ќе беседи Зоран Анчевски, стихови ќе читаат актери од „НАТГ Аматер“, а музиката е на Петар Кочовски. Во тремот на црквата Успение на Св.Богородица во Велестово ќе биде отворена изложба на Стефан Хаџи Николов.

На 16-ти јули ќе се одржи „Вечер на ирската поезија“ на која ќе настапат поетите Патрик Котер, Џери Марфи, Били Рамзел и Алва Ни Гиарвуи, а ќе биде промовирана и антологијата на ирската поезија. Манифестацијата, завршува на 18-ти јули со Поетско пладне во библиотеката „ Григор Прличев“ на кое стихови ќе говорат ирски и македонски поети.

OhridNews