Пет нови случаи на туларемија официјално се пријавени во Институтот за јавно здравје на Република Македонија, објавија националните медиуми.

Од Секторот за превентивна здравствена заштита при Министерството за здравство вчера информираа дека тим од епидемиолози веќе работи на терен во светиниколскиот регион и село Каратманово, бидејќи најголем број од случаите се од таму.

-Основниот совет е доколку во близина забележат глувци, веднаш да се изврши дератизација. Да не ги допираат, веднаш да се изврши нивно уништување и се разбира да побараат помош од Центарот за јавно здравје, посочуваат од министерството.

Туларемијата е заразна болест, причинета од бактерија, од која заболуваат и луѓето и животните. Станува збор за бактерија која е отпорна на надворешната средина и долго се одржува во лешеви на умрени животни, во почвата, во површинските води, како и во прехранбените продукти. Оваа бактерија е отпорна на ниски температури, додека високите температури брзо ја уништуваат, а од дезинфекционите средства најчувствителна е на хлорните препарати.

Човек може да се зарази со туларемија преку директен контакт со заразени животни, при каснување од крлежи, вошки и други инсекти, при вдишување прашина контаминирана со бактерија на туларемија, како и при пиење контаминирана вода или консумирање контаминирана храна (на пример, недоволно термички обработено месо, на температура пониска од 70 Целзиусови степени).

Инкубацијата на заболувањето трае од 3-7 дена, а почнува со појава на општ инфективен синдром: покачена температура, треска, потење, интензивни главоболки, болки во целото тело и општа слабост. Болеста вообичаено трае од 2 до 4 недели. Во зависност од начинот на пренесување, заболувањето може да се манифестира со кожна промена или оток на лимфните жлезди, бронхопневмонија, или болки во стомакот, повраќање, проливи. Туларемијата успешно се лекува со антибиотици и со симптоматска терапија и рехидратација.

OhridNews