Центарот за развој на Југозападниот плански регион, деновиве, со спроведувањето на тендерските постапки, започнува со реализација на регионалните проекти за 2019 година, за што се издвоени околу 38,4 милиони денари од Програмите за регионален развој на Министерството за локална самоуправа, односно Бирото за регионален развој.
Со доделените средства од националниот буџет ќе се финансираат три поголеми проекти преку кои ќе се подобрува енергетската ефикасност на јавните објекти во општините, ќе се врши реконструкција на постојната и изведба на нова патна инфраструктура, а исто така ќе се подготвува и техничка документација за локални и регионални патишта.
- Во проектот за подобрување на енергетската ефикасност, за што се издвоени 18,9 милиони денари, ќе вршат интервенции на два училишни објекти во Охрид и Мешеишта, две детски градинки во Струга и Кичево, спортска сала во Дебар и јавен објект во Општина Центар Жупа. Со вториот проект опфатена е реконструкцијата на локалниот пат во населеното место Житинени во Општина Центар Жупа, неколку локални улички во Вевчани и по една сообраќајница во Охрид и Македонски Брод. За оваа намена се издвоени 16,7 милиони денари. Од вкупната сума на издвоени средства за ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион околу 2,7 милиони денари ќе се издвојат за подготовка на основни-технички-проекти во повеќето општини што му припаѓаат на Регионот, објаснуваат од Центарот за развој на ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион. Додаваат дека три проекти треба да бидат реализирани до средината на месец ноември годинава.
По спроведените регионални форуми во текот на февруари, на кои засегнатите страни од Регионот ги актуелизираа потребите на локално ниво, потпишани се и договорите со Министерството за локална самоуправа и донаторот–Швајцарската агенција за развој и соработка, за финансирање на проектите „Уредување на атрактивни зони и патеки во Југозападниот плански регион“ и „Визуелизација на туристичките атракции во ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион“. Со првиот проект, чија вредност е 112.000 швајцарски франци, предвидена е изградба на три нови пешачко-рекреативни патеки во Охрид, Струга и Дебрца, а со вториот проект ќе се врши подобрување на туристичките потенцијали и понуда на руралните општини- Дебрца, Вевчани, Дебар и Македонски Брод. За оваа намена ќе бидат инвестирани околу 39.000 швајцарски франци. И овие проекти треба да бидат финализирани до крајот на оваа календарска година. Од Центарот за развој на ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион очекуваат наскоро да бидат потпишани и нови договори со нови активности, со што значително ќе се подобруваат условите во Регионите во државава, особено во делот на патната инфраструктура.
Годинава, преку Програмите за регионален развој, осумте плански региони, од централниот буџет на државата, ќе добијат околу 289 милиони денари,околу 83 милиони денари се наменети за развој на подрачјата со специфични развојни потреби и 41,2 милиони денари за развој на селата. Деновиве се очекува да биде донесена одлука за распределба на средствата за оваа намена, по што ќе се знае кои општини и проекти ќе бидат поддржани за реализација во следниов период.
OhridNews