„Преку создавање нови работни места, Македонија ќе се справи со проблемот на заминување на младите“, е една од пораките кои ги упати Франц Фишлер, претседател на Европскиот клуб „Алпбах“ во рамки на денешната конференција на тема „Младите создаваат подобра Европа“ при одбележување на „Австриско-Македонските Денови“.

„Нашиот клуб овозможува младите од Македонија да учествуваат во Форум, кој се организира секоја година и на тој начин, да се надградат самите себе и да помогнат во создавање подобри услови, подобро општество и европска интеграција на државата. Доколку инвестираме во знаењето на младите, тоа ќе обезбеди многу подобра иднина. Главна причина зошто младите заминуваат е недостастокот на работни места, односно недоволно надворешни инвестиции кои ќе ги задржат во Македонија “, рече Фишлер, кој повеќе од десет години беше европски комесар за земјоделство и рурален развој.

Според Пиштар Љутвиу, претседател на Клубот „Алпбах“,организаторот на конференцијата, во Македонија, ова е еден од начините за продлабочување на пријателството и соработката со Република Австрија.

На втората конференција насловена како „Од образование до кариера: трансфер на добри практики од Австрија во Македонија“, се обрати и министерот за образование, Абдулаќим Адеми.

Аделина Марку од Министерството за надворешни работи, во своето обраќање на конференцијата, говореше за дипломатската академија во рамки на оваа институција и за можностите младите кандидати да се обучуваат надвор и во самото министерство.

OhridNews

Извор:„Макфакс“