На крајот од мај истекува рокот што инспекциските служби им го поставија на угостителите во манастирскиот комплекс Св. Наум да го решат проблемот со отпадните води за кои се претпоставува дека ги загадуваат околните извори каде беа регистрирани повеќе случаи на труење со вода минатото лето. Најкритична е состојбата на водата од изворот кај црквата Света Петка во која е констатирано присуство на ентерококи и ешерија коли, поради што таа е забранета за пиење.

Хотелот „Маркони“ веќе има преземено мерки, направени се базените и станицата за пречистување, вградена е електрониката и се очекува системот да профункционира. Што се однесува до ресторанот на Островото и тие почнаа со вградување на нова пречистителна станица која комплетно ќе ги пречистува водите, изјави Лиле Спиркоска, општински инспектор по животна средина.


Нови пречистителни станици во Св. Наум

 
Пречистените води угостителските објекти не смеат да ги спроведат во изворите на Дрим, туку ќе треба да изградат цевковод во Охридското Езеро. Доколку не ги запазат зададените норми, ќе се соочат со забрана за вршење дејност најави Општинскиот инспекторат.


Инаку охриѓани и туристите и ова лето ќе се капат и рекреираат во чисто Езеро. Резултатите од анализите од 28 мерни точки на македонска страна покажале дека 96 отсто од водата во крајбрежјето на Охридското Езеро е од прва и втора класа, а само 4 проценти од трета класа. Високо квалитетна е и водата од градскиот водовод и јавните чешми, додека водата од Билјанините извори поради обилните врнежи и неизградената канализациона мрежа во населбата Рача и натаму е со променлив квалитет. Најголеми загадувачи и натаму се реките од сливното подрајче на езерото, а најзагадена е Велгошка река која носи вода од 4-та класа.

OhridNews