Владата има намера под концесија да ја издаде секоја педа слободна земја на охридското крајбрежје. Од Министерството за транспорт и врски информираат дека во тек е постапка за издавање на локации за три плажи, а се предвидува под концесија да биде издаден и преостанатиот дел од крајбрежјето, освен просторот кој е предмет на денационализација.

– Тенденција на Министерството е да се издаде секој дел од брегот на езерото. Има проблем со дел од плажите околу земјиштето кое им е вратено на сопствениците преку денационализацијата, но интенција на Министерството е да се издаде секој слободен простор на плажите, со цел истите да се облагородат во функција на привлекување што поголем број туристи, вели министерот Миле Јанакиески.
 
Нови плажи ќе бидат изградени и на градскиот кеј. Според Деталниот урбанистички план донесен во 2000 година се предвидува навлегување во водите на Охридското Езеро на просторот  каде се лоцирани повеќе хотели.

– Со постоечкиот ДУП за потегот од Канео до Студенчишта кој искучиво го третира крајбрежниот простор, од кејот  до Билјанини извори се предвидува изградба на три платформи и навлегување во водената површина, како и проширување на пристаништето пред хотелот „Палас“ и градското пристаниште, истакна началникот на секторот за урбанизам Бранко Арнаудоски.

Тој информираше дека со урбанистичкиот план усвоен од Советот пред 9 години се предвидува плажните платформи да се изградат на простор во должина од 900 метри, за што ќе треба да се изјаснат сите надлежни институции.

Според градоначалникот Петрески изградбата на плажи на кејот е добра идеја која е во функција на развој на туризмот.

– Тие плажи нема да бидат на шеталиштето или во тревникот, туку тие ќе бидат на платформи кои со брегот ќе бидат поврзани со мост и сметам дека е добро сите тие пет – шест хотели на кејот заеднички да имаат две плажи, затоа што хотел без плажа тешко може да работи, вели Петрески

Нови плажи се планираат и на потегот од стадионот Грашница па се до реката Далјан. За ова земјиште сопствениците на угостителските објекти кои гравитираат на овој простор не покажале голем интерес поради што најверојатно Министерството за транспорт ќе распише нов тендер и тие плажи ќе ги издаде на заинтересирани субјекти, најавуваат од локалната самоуправа.

Екологистите реагираат дека изградбата на нови плажи ќе предизвика дополнително нарушување на крајбрежјето. Според нив голем дел од изградените плажи покрај тоа што го ограничуваат слободното движење на луѓето, не ги задоволуваат и еколошките стандарди.

– Сите тие објекти на плажите се всушност кафетерии на езерото каде не е решена инфраструктурата и фекалните води кои се создаваат се излеваат во езерото, вели Борис Стојаноски од еколошкото друштво „Грашница“. Според него добро е плажите да се издаваат под концесија бидејќи се уредува просторот, но мора да се води сметка и за животната средина. Доколку нема можност за приклучување на тие објекти на колекторот, тогаш отпадните води треба да се третираат во мини пречистителни станици, а доколку некоја плажа не ги исполнува еколошките норми не треба да добие дозвола за работа, додава Стојаноски.
 
Екологистите предупредуваат дека УНЕСКО внимателно ги следи состојбите со Охридското Езеро и дека преголемата комерцијализиција на крајбрежјето не само што може да го загрози статусот на Охрид како светско културно и природно наследство,  туку ќе предизвика и  далекусежни последици врз еко-системот, а со тоа и врз развојот на туризмот.

Г. Момироски