Министерството за здравство излезе со два нови модели на плаќање на здравственото осигурување. Како што јавува агенцијата „Макфакс“, првиот модел предвидува модифицирање на веќе постоечкиот, додека вториот модел е сосема нов и поинаков .
Новиот модел, кој како што кажа Османи, е по примерот на Хрватска и Словенија и предвидува три пакети : основен, среден и проширен.
За основниот пакет би се плаќале шест отсто придонеси и ќе ги содржи сите основни здравствени услуги со плаќање на партиципација од 20 отсто.
Доколку граѓаните се одлучат за средниот пакет, ќе одвојуваат осум до девет отсто од бруто платата а пакетот ќе ги содржи сите услуги од постојниот основен пакет.
Проширениот пакет, покрај сите услуги од основниот пакет, ќе ги содржи и нестандардните услуги и на граѓаните ќе им се одбива околу 10 отсто од брут платата, но за услугите нема да плаќаат партиципација.
„Во првиот модел не предвидуваме промена на стапката на придонес, се предвидува скалеста партиципација и веднаш давање можност за осигурување за таа партиципација и нема чепкање на придонес во првиот модел. Вториот модел предвидува различни стапки на придонес и тука е најбитно дека граѓаните осигурувањето го преземаат во свои раце. Правото на избор на пациентот за кој пакет ќе се одлучи. Во зависност од тоа како граѓанинот го перцепира здравјето, и колку му е здравјето битно, за тој пакет ќе се одлучи во иднина“, појасни министерот Османи.
Тој додаде дека сеуште не е дефинирано што се ќе содржи основниот пакет и дали ќе има кратење на услугите кои досега беа на товар на ФЗОМ.
„Основна цел е да дефинираме нов модел на финансирање на здравствената заштита кој што ќе обезбеди стабилност на долг рок, предуслови за динамичен развој на системот и да даде здравствена заштита за сите граѓани и да го стимулира и соодветно награди квалитетниот медицински персонал “, рече Османи.
Сеуште не е познато од кога ќе профункционираат новите модели, но министерот Османи рече дека еден од најважните фактори за избор на моделот е прифатноста од страна на граѓаните.
извор: „Макфакс“