– Евидентиран е нов вид на зелена алга, која порано не беше присутна во Охридското Eзеро. Утврдени се и неколку промени во однос на доминантните видови кај фитопланктоните. Но и покрај тоа може да се потврди дека во езерото, за сега, сите процеси на живите организми се одвиваат нормално.-вели д-р Сузана Патчева од одделението за фитопланктон при Хидробиолошкиот институт.
-Кај зоопланктоноските заедници во езерото, евидентирани се два нови вида, кои до сега не беа присутни во Охридското Eзеро, а се карактеристични за Преспанското Eзеро. Овие нови заедници, за сега немаат големо влијание врз останатиот жив свет во езерото, но се претпоставува дека ако продолжат да се размножуваат односно да ја зголемуваат нивната густина, ќе имаат негативно влијание врз опстанокот на другите зоопланктонски заедници, кои се карактристични само за Охридското Езеро. -објаснува д-р Гушеска .
Во делот на останатиот биолошки свет во Охридското Езеро, како резултат на повисоките температури забележано е порано мрестење на краповидните риби.
-Краповидните риби треба да се мрестат на почетокот на летото на пример крајот на мај или почетоткот на јуни. Но последните години, бидејќи летните температури настапуваат порано, овие риби започнуваат со мрестот околу еден месец порано.-вели д-р Трајче Талески, од одделението за ципринидни риби, при Хидробиолошкиот инстиут. Тој нагласува дека освен овие, кај останатите риби, за сега не се забележани некои позначајни промени.
Научниците нагласуваат дека не може со сигурност да се тврди дека овие промени се резултат на само на климатскиот фактор, туку дека за ваквата состојба се заслужни и други влијанија од околината.
-Во некои научни трудови се претпоставува дека доколку зголемувањето на температурите континуирано продолжи во наредните години, тоа може значајно да влијае врз концентрацијата на растворен кислород во подлабоките слоеви на езерото. Тоа би резултирало со намалување на вертикалното мешање на водата од езерото и намалување на фреквенцијата на кислород во подлабоките делови. -објаснува д-р Патчева.
Доколку овие претпоставки се остварат, тие би имале негативно влијание на бенталната фауна и ендемичните видови од сите групи на организми кои живеат во Охридското Езеро.