Европската Комисија најави нови одлуки за да го олесни приемот и животот на бегалците од Украина во ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.
Еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, соопшти на прес конференција утрово дека се преземаат дополнителни мерки за влезот на Украинците на пазарот на трудот во ЕУ.
Комисијата активира пилот проект кој ќе им овозможи на сите украински бегалци кои бараат работа во ЕУ тоа да го сторат побрзо и полесно. Ќе се олеснат процедурите за нострификација на дипломи и квалификации на Украинците, и ќе можат да ја користат платформа за барање работи, Еурес, како и внесувањето на ЦВ на сајтот Европас на украински јазик. Украинците ќе добијат и засилена заштита на личните податоци, доколку сметаат дека некои податоци се сензитивни нема да мораат да ги внесуваат. За сега пет земји членки учествуваат во овој пилот проект, меѓу кои Полска која има и најголем број на бегалци од Украина.
Освен тоа директивата за привремена заштита со која лицата добиваат веднаш статус на бегалец и со тоа здравствена заштита, образование и пристап до пазарот на трудот во ЕУ се продолжува најмалку до март 2024 година, најави еврокомесарката Јохансон. За да се олесни движењето на Украинците, се менуваат и некои одредби во оваа директива.
Па така, до сега лицата со привремена заштита, кога се враќаа во нивната земја, мораа да се откажат од статусот што го имаа во ЕУ. Благодарение на денешните измени, Украинците кои решиле да се вратат во Украина, но потоа повторно сакаат да се вратат во ЕУ, ќе останат регистрирани како лица со привремена заштита и со тоа ќе ги задржат статусот на бегалци, и правата до здравствена заштита, образование и работа во ЕУ. Единствено од нив ќе се бара да ги информираат националните власти од земјата во која живееле во ЕУ дека се враќаат во Украина, без последици.
Европската Комисија ги повика работодавците во ЕУ да се приклучат кон пилот проектот за вработување на Украинци.
OhridNews