Околу шест нови локации за изградба на хотели се предвидени во рамки на Урбанистичкиот план за дел од туристичкиот комплекс Горица – Св.Стефан – Метропол. Овој урбанистички документ беше усвоен во рамки на денешната седница на Советот на општина Охрид.

-Се работи за урбанистички план вон населено место на потегот од Свети Стефан до Тунелот кон Метропол. Урбанистичките планови вон населено место исклучиво може да имаат намена за хотелски комплекси, хотели, старечки домови, мотели и викенд куќи. Покрај постоечките хотели на овој потег е предвидена и изградба на нови хотели. Во однос на постоечките хотели тие можат да си вршат доградба и надградба, изјави Бранко Арнаудов, заменик раководител на Секторот за урбанизам при општина Охрид.

Градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески рече дека градењето на хотелски и угостителско туристички комплекси е  приоритет на општината во делот на урбанизмот.

-Ваквите објекти ќе овозможат локален економски раст и развој, брз развој на туризмот и креирање на нови работни места, истакна Бакрачески.

Во рамки на денешната седница, советниците го усвоија и Деталниот урбанистички план за дел од „Чекоштина“. Според најавите таму е предвидена изградба на семејни куќи, станбени згради, комерцијални и угостителски објекти. Исто така советниците ги усвоија Извештаите од работењето на училиштата и градинките во општината, како и на секторите и одделенијата при локалната самоуправа.

OhridNews