И оваа среда НУ Библиотека презентира нови изданија од старите, добри лектири со кои растеа генерации деца, а и денес дел од овие изданија се вклучени во образовниот процес и се омилени меѓу младите генерации.

Се работи за следните наслови кои освен со содржината привлекуваат внимание и со модерниот ликовно – графички дизајн збирката басни „Мувата и кочијата“ која содржи стотина поучни приказни создаден од познатите писатели и собирачи Езоп, Лафонтен, Лесинг, Обрадовиќ, Крилов, Цепенков, потоа „Двојната Лота“ од Ерих Кестнер, како и  „Пајажината на Климентина“ од Елвин Брукс Вајт.

И по секое читање на популарната „Алиса во земјата на чудата“ од Луис Керол се открива нешто ново, тие заедно со „Волшебникот од Оз“ се книги за деца со трајни вредности омилени и меѓу новите генерации секако кај оние деца кај кои е развиено чувството за убавото и читањето. Меѓу овие бестселери од странски автори е и „Мери Попинс“ од Памела Л. Траверс. Не помaлку интересни и вредни се и македонските култни книги за деца – стихозбирката „Црни и жолти“ од Славко Јаневски и битовата драма „Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски, велат од библиотеката.

Потсетуват дека библиотеката од понеделник до петок за читателите е отворена од 8 и 30 до 18 и 30 часот, а годишната членарина за деца е 200 а за возрасни 300 денари.

OhridNews